Најлошо е кога ќе те убедат дека си поважен од другите

130597013__423768c[1]

Се сеќавам на некои другари и другарки од школо кои беа омилени кај наставниците и професорите. Така самоуверено владееја со материјалот како целите науки да беа кроени по нивни терк. Секогаш знаеја што прават, а на останатите гледаа потсмешливо, како на пониски суштества. Целиот свет го мереа по позицијата што ја заземаа во школо и наивно помислија дека секаде ги чекаат отворени врати и восхит. Меѓутоа денес, го наведнуваат погледот пред животот, се кријат. Ја заменија поранешната радост и самодоверба со некаква горчина и цинизам. Во погледот им гледам разочараност и неможност да направат исчекор од животот во кој невешто се имаат зацементирано. Ме гледаат поразено но и понатаму од висина, обидувајќи се, веројатно, да го наметнат авторитетот кој со години го имале и кој преку ноќ, изненадно, се има истопено.

Најлошо е кога ќе те убедат дека си поважен од другите, а уште полошо кога ќе почнеш тоа да го покажуваш. Тогаш си готов. Тоа е почеток на твојот крај. Тогаш остануваш потполно сам, а повторно зависен од признанието на сите други. Друштвото во истиот момент немилосрдно те пресекува, како што градинарот го кастри секое гранче што штрчи од живата ограда… Се наоѓам повремено со таквите во друштво и скоро во секоја реченица ми докажуваат дека се важни, дека работат нешто големо. Не знам, можеби, меѓутоа ништо не е потрагично од самовеличањето, самовоспевањето и тоа особено пред оние кои се незаинтересирани. Научени се на внимание и да им се восхитуваат, навикнале на посебен третман и штом некој не им обрати внимание, тие го губат тлото под нозете и напаѓаат сé околу себе без причина.

Не сфаќаат дека со поддршката од другите е како да јаваш див коњ. Во еден момент можеш да полеташ, сите да ти аплаудираат и да ти се восхитуваат, а веќе во следниот може да те фрли на земјата, да те изгази и заборави… Проблемот е кога ќе наседнеш на сé тоа, ќе помислиш дека си поважен, дека заслужуваш посебни права, дека луѓето треба да ти се поклонуваат и тогаш, со тек на време, ќе ја изгубиш позицијата и го замразуваш целиот свет. Ќе направиш нешто, неважно што, што ќе помине незабележано, и ти ќе потонеш како никогаш да не си ни постоел. Цело време се жалиш како сите те заборавиле, а себе си не си го поставуваш прашањето – дали ти некому му се јавуваш? Цело време ги обвинуваш другите за негрижа и непочит, а не си го поставуваш простото прашање – што направи ти за другите?

Не смеам ни да помислам колку на светот има неостварени и осуетени. Нивната несреќа не е во тоа што високо летале, туку што при падот не знаеле да се дочекаат на нозе и да продолжат со животот. Од секој неуспех направиле трагедија и се поистоветувале со неа. Допуштиле своите порази да им загадат сé друго…

Колку такви некогашни таленти во спортот, глумата и другите професии скапуваат осамено во некои соби препуштени на заборавот да ги носи. Целата нивна приказна не се сведува на тоа што направиле, туку што можеле да направат. Во еден момент доживеале слава, им се отвориле сите врати, а веќе во следниот извисиле и останале некаде од страна да ја чекаат својата шанса. Луѓето пронашле пример во другите (како што секогаш наоѓаат), се појавиле подобри (секогаш се појавуваат подобри), а тие со губитокот на поддршката која ја добивале се изгубиле себе и чувството на важност и смислата од кои дотогаш биле носени. Така е и со моите другари и другарки, тие ќе потрошат години и години докажувајќи си себе и на другите колку се важни, ќе го величаат својот живот каде и да стигнат, ненасетувајќи дека со тоа само ги одбиваат другите луѓе. Несфаќајќи дека треба да се опуштат и да живеат, бидејќи, во крајна смисла, тие не се единствени на овој свет…

А и сé така неуморно поминува, што со време ќе си станат смешни самите себе заради силниот труд кој го вложиле да би им докажале на другите, на целиот свет дека се во право. На крајот, кому му е гајле за тоа…

Стафан Симиќ за Opusteno

- Реклама -