Во последните два века има куп примери на научници, дизајнери, композитори и сл. кои со едно свое дело толку се збогатиле што веќе не морале да работат ништо до крајот на животот. Од друга страна, има такви што измислија генијални производи кои станаа ултра-популарни и продавани, а притоа не заработија ни денар. Причината главно се сведува на суровата вистина дека овие вториве не беа доволно претпазливи за навремено да ги заштитат своите патенти, што речиси по правило вродува со крадење на нивните изуми. Меѓу таквите се и изумителите на „смајли“, „калашников“, „тетрис“ и караоке машината – сé производи што направија растур на пазарот и заработија милиони и милиони долари, од кои ниту еден во џебот на иноваторите.
Караоке: Кога пеат бизнисмените
Како и многу други нешта, и караокето (такво какво што го знаеме) е измислено во Јапонија, а главниот „виновник“ е Даисуке Иноуe. Даисуке бил бубњар во бенд кој едно време правел турнеи ширум цела Јапонија. Интересниот дел за нас, а – човек би си помислил – најдосадниот дел за бендот, е тоа што свиреле главно на компаниски прослави. На овие корпорациски журки, бендот вовел правило што важи до ден денес: кога директорите и вработените доволно ќе се напијат, во раката им ставаш микрофон. Додека бизнисмените ги демонстирале своите пејачки неспособности пред колегите, бендот ги следел со позадинска музика.
При една таква корпорациска журка, бендот на Даисуке не се појавил на закажаната забава. Оставен сам, Даисуке морал да се снаоѓа, па искористил снимена музика. Кога видел дека и без бендот добро му оди, тој направил 11 машини за пуштање музика, кои потоа ги изнајмувал на јапонските барови.
Приказната има сосема очекуван тек – еден прониклив и финансиски поткован бизнисмен ја забележал машината, и наскоро неговата компанија почнала да произведува милиони вакви машини, притоа правејќи милионски профити.
Даисуке пропушти да ја наплати својата идеја, а за утеха му остана само тоа што заради караокето во Јапонија има статус на херој.
Од Црвената армија, па до Горан Бреговиќ – Калашников
Освен што Калашников е голем хит на кафанските прослави, тоа е и оружјето што на својот творец не му донесе ни рубља. Можеби ние обичните луѓе и не го сакаме толку многу колку што сугерира насловот (затоа што е оружје за убивање), ама затоа го обожаваат националните армии, воените организации, терористичките организации, па и ограбувачите на банки. Творецот – Михаил Калашников, го обмислил концептот (или почнал да го обмислува) за Avtomat Kalashnikova (како што бил наречен првиот прототип), чија модерна верзија важи за најотпорното оружје, додека лежел во болница заради повредите здобиени во Втората светска војна. Го патентираше дури во 1999-тата, кога беше предоцна за било каква значајна заработка; Руската Армија, на пример, го „посвои“ како стандардно оружје уште во 1947-та. Со други зборови, Калашников му донесе повеќе пари на Бреговиќ, отколку на иноваторот.
Творецот на смајли заработи 45 долари
Ај денес разбери се без да користиш смајлиња… Не можеш, барем не ако не сакаш да бидеш погрешно сфатен при електронската комуникација.
Овој симбол е дело на Харви Бол, кој 27 години служел војска, а кога му здосадило, се вработил во една маркетинг агенција, и тоа како дизајнер. Во 1963-та добил нарачка од една осигурителна компанија да осмисли и нацрта нешто што би го подигнало моралот на вработените. Тоа за Харви не претставувало нешто посебно интересна задача, па за само 10 минути веќе го имал симболот кој денес го има во илјадници варијанти. За услугата наплатил „цели“ 45 долари, колку што денес просечен американски тинејџер троши за два дена на праќање пораки.
Тетрис… Ги усреќи сите, освен тој што го измисли
Алексеј Пајтинов работел во Советската академија на науки, главно на проекти поврзани со вештачка интелигенција. Често се случувало да се досадува на работа, па за да го утепа времето измислувал разни логички игри. Нормално, една од нив била и сега култниот Тетрис, која Алексеј без двоумење им ја понудил на колегите на работа, поточно на Академијата, во 1984 година. Тие што играле Тетрис толку се заразиле, што Академијата решила дека играта треба да се продава. И се продала, и тоа во 70 милиони копии ширум светот, со профит од милијарди долари. Единствените пари што Алексеј ги доби од сето тоа „капнаа“ дури 20 години подоцна, но зборуваме за сума шт е мизерна во споредба со вкупната заработка на Тетрис.