Иако е сметан за најбезмилосниот лик во историјата, Хитлер знаел да сака, барем кога бил тинејџер. За да биде иронично, и со тоа интересно, неговата прва љубов била Стефани Ајзак – висока и слаба убавица, ама и Еврејка. Хитлер тогаш бил 16-годишен и ги поминувал деновите во Австрија – родната земја на Стефани.
Било тоа љубов на прв поглед, ама не како од бајките, туку таква што ќе му го скрши срцето. Траела дури четири години, но за сето тоа време, Хитлер ниту еднаш не собрал храброст да ѝ изјави љубов.
„Нејзините очи беа прекрасни – светли и крупни. Беше исклучително убаво облечена и нејзиниот став укажуваше на тоа дека доаѓа од добростоечко семејство“, пишува Август Кубизек – близок другар на Хитлер од детството, во неговата книга „Младиот Хитлер кој го познавам“. Во книгата, Кубизек опишува една ситуација кога Стефани фрлила цвет кон Хитлер. Авторот вели дека никогаш претходно го нема видено „фирерот“ така среќен, како тој ден.
Да се заљубеше и младата Еврејка во Хитлер, можеби ќе се најдеше на местото на славната Ева Браун, па и нејзе ќе ја дочекаше трагична судбина. Од друга страна, можеби целосно ќе го сменеше животот на Хитлер, а со тоа и целиот изглед на поновата историја: Ако не беше Хитлер таков каков што беше, ќе немаше таква Втора светска војна, Американците можеби немаше да се дограбат до сите најдобри германски научници, овие можеби немаше да измислат ракети, веројатно ќе немаше Студена војна и вселенска трка со Русите, ќе немаше така развиена шпионажа, DARPA можеби немаше да измисли Интернет итн итн… Исто и ако го оставеа да црта, нели.
Како и да е, Стефани Ајзак се омажила за млад офицер од Виена, при што го преземала неговото нееврејско презиме. Насетувате, тоа била околноста што ќе ѝ помогне на Ајзак да ја преживее Втората светска војна, притоа незнаејќи дека Хитлер е тоа истото момче што неизмерно се радувало кога му фрлила цвет.
Некои извори велат дека во меѓувреме, Хитлер во неколку наврати правел планови да ја киднапира. Се смета дека тој никогаш не ни дознал дека Стефани е Еврејка.