Жителите од Општина Карпош, кои се наоѓаат во третото доба од својот живот, денеска, си ги одмерија силите во петте спортски категории во рамките на пензионерските игри, организирани од Секторот за спорт, при Општина Карпош. На традиционален начин, со музика и оро, започнаа натпреварувањата помеѓу најсилните од двете здруженија на пензионери „Тафталиџе ДДД“ и „Карпош“, во влечење јаже мажи и жени поединечно, трчање 60 метри жени и 80 метри мажи, фрлање ѓуле мажи и жени, пикадо мажи и жени и скок во далечина за мажи. На оваа манифестација присуствуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски, што наиде на задоволство на постарите карпошани.
– По седми пат ги организираме овие пензионерски спортски игри, а оваа година имаме вистински пролетен ден, бидејќи лани не нѐ послужи времето, односно врнеше малку дожд. Ви посакувам во животот постојано да се чуствувате млади и полни со спортски дух, енергија како денеска, и секако да продолжите да се натпреварувате. Ние како локална самоуправа ги поддржуваме вашите активности, и мило ми е што денеска ве гледам во толкав број. Мило ми е што и двете здруженија на пензионери, достоинствено ја претставуваат Општина Карпош и надвор од своите граници. Во рамките на 40 годишното чествување од постоењето на оваа наша убава Општина, се токму и денешните пензионерски игри. Во иднина ќе продолжиме да ги поддржуваме сите активности како од најмалите така и до највозрасните жители на Општината, бидејќи на тој начин даваме придонес до зближување и соживот на сите граѓани, од сите вери и националности – рече Јакимовски и ги прогласи седмите по ред пензионерски игри на Општина Карпош за отворени.
Во рамките на Деновите на Општина Карпош по повод јубилејната 40 годишнина од постоењето на локалната самоуправа, со стартот на овогодинешните пензионерски игри, Општина Карпош официјално ги започна празничните денови кои ќе бидат исполнети со голем број активности.
Текстот е спонзориран