Пред 38 години, на 2 октомври 1978, после долгата најава, конечно беше комплетиран првиот прототип на Југо. Како што беше редот, му беше подарен на другарот Тито.
Меѓутоа, според сведоштвата на луѓето од блиското опкружување на Маршалот, Тито бил аполутно разочаран од моделот. Со оглед на спорот со Америка околу продажбата на југословенската вселенска програма од крајот на педесеттите, Југото требаше да биде новиот адут на Тито.
Со испораката на овој автомобил требаше да се испегла спорниот долг од 2.5 милијарди долари, за колку што Тито наводно ги излажал Американците продавајќи им непостоечка вселенска програма.
Сведоците велат дека кога го видел Југото, Тито прашал „Што е ова?“, предавајќи му ги клучевите од автомобилот на својот аѓутант со зборовите „Ова не е автомобил за мене, ниту пак ова го очекував“.
И Америка и Тито очекуваа луксузен автомобил – така имаше ветено претседателот. Од друга страна, Тито повеќе сакаше Пулман, па во халите на Црвена Застава не се задржа ни десетина минути.
Со амин на Тито или не, Југото се роди. Милиони работници се вљубија во автомобилот уште на прв поглед. Не само тоа, туку Југото стана синоним на растењето и автомобилското созревање на генерациите родени во 60-тите и 70-тите години.
Се разбира, од прототипот до сериското производство поминаа повеќе од две години. Како што покажуваат фабричките податоци, почетокот на сериското производство се совпаднал со Денот на Републиката.
Тој 28 ноември 1980 година, комплетиран е првиот сериски автомобил Yugo, и тоа во производен процес што одвај да се разликува од рачно производство. Составувањето на моделот траело повеќе од две седмици. Официјално е претставен пред народот на СФРЈ на саемот на автомобили во Белград, кога е и прогласен за автомобил на годината.
До окончувањето на производството во 2008 година, произведени се вкупно 794.428 автомобили Yugo, што е неверојатен статистички рекорд кој и денес претставува предизвик за многу од роботизираните и компјутеризирани фабрики за автомобили.
Иако имаа американска амбиција, најголем дел од Југовците ги проголта југословенскиот пазар – Југословените го сакаа, го плукаа, му се смееја, ама никогаш не му откажаа љубов.