Минатиот месец, еден Youtube-ер од Крим почна тазе нова теорија на заговор, кога постираше видео со наслов „Не постојат шуми на Рамната Земја разбудете се“ (еве го и со англиска натсинхронизација). Нема подобар израз за видеото од mind-blowing.
Да бидеме фер, овие луѓе со кои се идентификува авторот на видеото, веќе веруваат дека Земјата е рамен диск, дека Арктикот е во центарот и дека НАСА ја чува периферијата. Но сега веруваат (ако судиме по авторот на видеото) и дека тоа што ние го викаме „шума“ се само мали остатоци од некој древен и вибрантен свет, свет со дрва чии трупови биле широки како планина и кои растеле до небото.
Се работи за бизарна и неверојатна идеја што брзо најде свои фанови меѓу Flat Earth-ерите (како што ги нарекуваат заговорниците на Рамна Земја). Оттогаш се постирани повеќе од 10.000 видео одговори, реакции, дискусии и debunk-ови. Изгледајте ги видеата и ќе чуете луѓе како раскажуваат дека ѝ пришле на идејата со скептицизам, само за да сфатат дека почнуваат да резонираат со истата на некој чуден начин.
Имам нешто да признаам: и јас резонирам со идејата, исто така. Нормално, презентираните факти не направија ништо за да го променат тоа што го знам за античките дрва, или за формата на Земјата. Но чувството на носталгија по една планета каква што била пред луѓето да ја земат здраво за готово? Да, тој дел го контам.
^ Личи на дрво? Мора да е дрво.
Не, навистина, flat earth-ерите и другите теоретичари на заговори не се луди. Нивните идеи се нелогични, но се изградени на основа на искрена и длабока научна љубопитност. За жал, истражувањето на таа љубопитност често е наведено во погрешен правец заради грешки во мислењето на кои е тешко да се спротиставиш. Додајте ја тука и поволната клима за ширење и дискутирање идеи на интернет, и добивате фино скоцкана комора во која гласовите на истомислениците одекнуваат како ехо, аргументите на противниците лесно се задушени и игнорирани, а проаѓаат само тие аргументи што одат во прилог и го зацврстуваат верувањето.
Оваа теорија дека денешните шуми се само лоша копија на својот поранешен лик, е заразна од истата причина како и таа за Рамната Земја – заради триумфот на перпецтивната и емотивната логика над интелектуалната бистрина, во контекст на отфрлање на било каква доверба во авторитетите и интензивирање на чувството на немоќ и немање на контрола. И со тоа резонирам.
Еве како работи теоријата за непостоење на шумите: Да, има нешта што ги викаме шуми, но реално, овие се само ниски грмушки, остатоци од еден еколошки богат свет во кој дрвата биле високи и до 40 километри, а стеблата им биле со пречник од два километра. Како знаеме? Па, ги имаат оставено своите пенушки зад себе. Според теоријата, планините што место врв имаат висорамнини се токму тие остатоци од џиновските дрва, исечени од невозможно големи машини. Планините со остри врвови пак, се резултат на исечените стебла на дрва што паднале или биле соборени во некоја голема катастрофа, како можеби нуклеарна војна или голем (можеби библиски) пожар.
Понатаму, секоја карпа на Земјата не е карпа – туку едноставно е остаток од таа древна, света шума, која некогаш била комплетно жива. Реките на коритата пак, се остатоци од стари рудници, а нивните стрмни кањони се издлабени од енормни машини. Вулканите се само купишта од индустриски отпад оставен од сето тоа збеснување по рамната Земја; токсичните материјали и хемикалии во нив реагираат, генерирајќи топлина и оган, и по некоја експлозија.
Секоја од овие претпоставки е „поткрепена“ со по две фотографии поставени една до друга за споредба – на едната е геолошката карактеристика, а на другата е тоа што нараторот смета дека е на сликата. Сликите покажуваат неверојатни сличности. Пред нас е поставен предизвик да најдеме 10 разлики, но не можеме, бидејќи има само две: материјалот и големината, вели авторот.
Земјата изгледа рамна, па мора и да е рамна. Тоа што изгледа како остаток од исечено дрво, мора да е остаток од исечено дрво. На крајот на краиштата, ако не им веруваш на сопствените очи, кому ќе му веруваш?
Настрана фактот што ако им веруваш на сопствените очи, за авионот што лета високо ќе мислиш дека е мал колку мушичка, нормално дека не е вистина дека планините се поранешни дрва, ама од поширока перспектива, „рамноземците“ не се комплетно во грешка. Точно е дека живееме во осиромашена верзија на нашата планета, осиромашување направено од нашите сопствени раце. Шумите што преостануваат се само сенка од нивните поранешни ликови. Станавме толку навикнати на светот каков што е денес, што речиси е невозможно да се замисли изобилството што некогаш го имал.
Има мапа од област блиску до местото каде што престојував кога живеев на Ванкувер Ајленд, близу канадскиот пацифички брег, која ти кажува каде да одиш да ги видиш старите дрва. Едно овде, едно онде, мала парцела од уште неколку некаде на друго место. Во горниот агол на мапата, со зимзелена икона е обележано местото каде што стои античка ела, наречена Големиот Осамен Даг.
Посетив некои од овие дрва, и навистина делуваат осамено. Дрвата, верувале или не, се друштвени суштества. Истражувањата утврдија дека споделуваат информации и ресурси преку подземните мрежи од корења, а најголемите комуницираат повеќе и во поголем радиус од останатите. По логиката на Дарвин тие би требало да се натпреваруваат за сончева светлина и нутриенти, но постојат докази за распределба на ресурси и соработка, дури и меѓу различни видови. Здравјето на индивидуата зависи од здравјето на екосистемите. Кога околната шума беше срамнета со земја, последното дрво што остана да стои ги почувствува последиците.
Ова е пристапот во тие краеви – исечи сé, освен тоа што е исклучително извонредно. Потоа направи ограда околу него за да можат твоите деца и внуци да можат да видат каква била шумата некогаш. Исто е и со слоновите и пандите – трошиме огромни ресурси за да ги чуваме во кафези за да можеме да ги посетуваме како туристи, а истовремено не успеваме да го зачуваме тоа што е преостанато од нивната природна животна околина која им е потребна за да опстанат во дивината…
Во дрвните фарми, луѓето оперираат големи машини за да ги исечат дрвата во геометриски блокови, и потоа се носат со камиони до дрвенариите или фабриките за хартија. Шумите не се оставени да се регенерираат природно. Наместо тоа, луѓето што садат дрва доаѓаат со нивните вештачки одгледани стебленца, нивните корени заплеткани во почва напукана со фертилајзери и фунгициди – за да го забрзаат нивниот раст, и ги инсертираат во почвата на рамномерна оддалеченост. Низ годините, луѓето ги посетуваат овие плантажи со моторни пили и хербицидни спрејови за да ги уништат соперничките видови дрва што се обидуваат да пркнат – кои не дека се од помала еколошка важност, но не се профитабилни. 80 или сто години подоцна, кога овие дрва се сé уште во својата адолесценција, тие ќе бидат одново исечени, и циклусот ќе почне одново.
Исто како и индустриската агрикултура, индустриското фармерство на дрва интензивно ја осиромашува животната околина каде што се случува. На дрвата, кога се во групи во кои сите се на иста возраст (и често, од ист вид), им недостасува природен одбранбен систем против штетници, болести или оган. Човековите интервенции во насока на обезбедување на нашата инвестиција (во случајов фарма со дрва) обично се неефективни или самата инвестиција не е долгорочна.
Заговорниците на Рамната Земја не се во право за карпите и планините, но не се во грешка кога велат дека живееме на мртвиот леш на некогаш многу жива планета. Кога луѓето се рашириле низ планетата пред десетици илјади години, следеле масовни изумирања, особено на големите животни кои се непорекливо критични за здравјето на екосистемите. Во последните 200 години, човековата деструктивност зема уште поголем залет, а горењето на фосилни горива донесе климатски промени без преседан. Истовремено, популацијата доживува бум, и сé повеќе и повеќе ресурси се извлекуваат од Земјата за да може да бидат задоволена нашата безосетна побарувачка.
Можно е денешната Земја да содржи само десетина од изобилството што некогаш го имала, вели J.B. MacKinnon во неговата книга The Once and Future World. Светлата точка е што додека количината на животот поддржан на оваа планета е опаднат, нејзиниот капацитет да поддржува живот останува непроменет. Враќањето на природата не по секоја цена подразбира крај на човечковиот вид, но бара од нас ние лично да ја поканиме дивината назад – не само во заградени и заштитени области, туку во сите аспекти од живеењето.
Диносаурусите по ударот на астероидот не знаеле дека се во фаза на изумирање. Самиот настан бил катаклизмичен, но изумирањето што следело веројатно траело илјадници години, предолго за некое индивидуално животно да забележи дека нешто се сменило. Кај луѓето, исто така, нашата перцепција е замачкана од амнезијата околу тоа што се случило порано.
Диносаурусите (освен птиците) исчезнаа засекогаш, но нивното отсуство беше шанса за цицачите да се рашират и да се разгранат, почнувајќи од мали животни налик на глувци, па преку милиони години до гигантите од Леденото Доба. Крајбрежните шуми на Пацификот, какви што некогаш биле, исто така ги нема засекогаш. Планините никогаш нема да бидат пенушки од исечени дрва, ама античките шуми некогаш пак ќе заживеат. Само е прашање на време, и дали со или без наше присуство.