Конкурсот е отворен: Пријави се за ЛУЗЕР ФЕСТ 2016

pixelmk-otvoren-e-konkursot-za-luzer-fest-2016-45057[1]

Дечките од организацијата одвај дочекаа да го најават и овогодинешното издание на Лузер Фест. Ветуваат дека овој, на неколку дена пред главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ, на 26-ти ноември во МКЦ, ќе биде најдругарскиот и најпозитивниот Лузер Фест!

По возобнувањето на овој драг дел од Таксират кој низ годините ги пречека и испрати во светла иднина бендовите Лоши Деца, Синиак, Верка, Боргот, ФИСТ, Ска Рингишпил, Новиот Почеток, Хардфејсд, Сторм, Конкјуринг Лајон и уште многу други демо бендови кои се испробаа на Таксиратската Винерско-Лузерска бина низ годините, традицијата на Лузер Фест продолжува и на 18-тиот ТАКСИРАТ. Минатата 2015-та година заедно со PLUTO’S DOUBTS, METANOIA, GARGOYLES, KEPURDHAT, BROOKA BAND, ПРЕСЕН ЗРАК, АСТЕРОИД, ВИЗИЈА, ПУЛС ЕКИПА, EX-YOU и гостите на фестивалот, во преполното МКЦ повторно се врати и освежи фестивалскиот дух на сите ентузијасти кои творат авторска музика и истата сакаат да ја промовираат пред македонската публика.

И оваа година победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн“, а покрај главната награда, ТАКСИРАТ и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер Фест“.

Жирито е веќе на кондициони подготовки, се спремаат гласачките ливчиња за публиката, а конкурсот за пријавување е отворен!

Прочитајте и:  Kosheen донесе енергичен настап на сцената во МКЦ

Принципот е ист како и минатата година:

Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови до 20 октомври 2016 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:

* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите, најдоцна до 20 октомври 2016, треба да бидат испратени на и-мејл адресите: info@password.mk & shurbe@password.mk .

ВАЖНО:
* „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување.

И годинава Таксират околу одржувањето на ЛУЗЕР ФЕСТ ќе најави и уште неколку настани кои ќе ја направат Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година. Во меѓувреме, спремајте снимките!

- Реклама -