Путер и маргарин. Пола живот мислиш дека се исти, и после дознаваш дека путерот, иако повкусен, е помрсен, а и поскап е. Па си фураш маргарин, тешејќи се дека ја јадеш поздравата варијанта. Ај да видиме.
Путерот е млечен производ, направен од свеж или ферментиран крем или директно од млеко. Човештвото го користи илјадници години. Научниците сепак открија дека путерот содржи високи нивоа на заситени масти – со повеќе од 35 калории по лажичка, путерот дебелее.
Кога ќе ги погледнеме молекулите на путерот, гледаме некои од градбените единици на животот воопшто – јаглерод, водород и кислород, но овие јаглеродни атоми се комплетно опкружени со водородните атоми. Ова ниво на сатурација т.е. заситеност, научниците го поврзуваат со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања.
Маргаринот пак, се прави главно од растителни масти, кои имаат сличен, но сепак различен хемиски состав од путерот. Атомите на јаглеродот кај путерот меѓусебно формираат двојни врски, па остануваат помалку слободни врски за атомите на водородот, па со тоа и во самата молекула има помалку водород. Затоа овие ги викаме несатурирани т.е. незаситени масти.
Засега е добро, нели? Маргаринот изгледа како подобрата опција, со сличен вкус, а со помалку заситени масти. Сепак, дочитајте.
Незаситените масти имаат пониска точка на топење, па нивната природна состојба (со тоа и на маргаринот) е помалку цврста, како кај растителното масло. За да ја добијат густината на путерот и кај маргаринот, научниците решиле да го прават малку позаситен. Проблемот е што овој процес на хидрогенација, при кој се додаваат повеќе атоми на водород и маслото станува поцврсто, се врши со помош на високи температури, кои пак предизвикуваат пар незгодни промени.
Повеќето од овие двојни врски во молекулите на маргаринот постојат во конфигурација наречена „цис врски“. Процесот на хидрогенација најчесто ги „превртува“, доведувајќи ги во нешто што се нарекува „транс“ конфигурација. И така, ете ги озлогласените транс-масти.
Колку и да изгледа тривијална, оваа едноставна промена од цис во транс значително го менува начинот на кој нашето тело ги процесуира и ги метаболизира молекулите. Како краен ефект, транс-мастите го намалуваат добриот холестерол и го повишуваат лошиот, со што го зголемуваат ризикот од коронарни срцеви заболувања.
И така маргаринот, кој беше сметан за здрава опција, го покажа своето вистинско лице. Додуша, денес многу од производителите тврдат дека нивниот маргарин не содржи транс-масти. Во некои случаи, тоа е и вистина.
Како и да е, кога ќе се споредат еден до друг, има позитивни и негативни страни и кај путерот, и кај маргаринот. Путерот е природен и направен од една состојка, а и содржи витамини А и Е. Маргаринот се прави од повеќе состојки, и денес го има во толку многу варијанти што е тешко да се споредува. Многу од тврдите „стик“ маргарини (тие во коцка) сé уште содржат високи нивоа на транс-масти и се многу полоши од путерот. Но некои од поновите маргарини имаат многу ниски нивоа на заситени масти, помалку калории и воопшто не содржат транс-масти.
Во крајна линија, треба да сте свесни што јадете, а во тоа ќе ви помогне ако ѝ посветите време на етикетата со состојки на маргарините. Целта е да се ограничи консумирањето на заситени масти, а комплетно да се избегнуваат транс-мастите. Поздрави алтернативи и за путерот и за маргаринот има многу. Хинт: маслиново масло.
ASAP science