Како кремите за сончање ги убиваат океаните

Coral outcrop on Flynn Reef

Неодамна, Хаваи донесе одлука да ги забрани продуктите за заштита од сонце кои се штетни за коралните гребени. Се работи за кремите за сончање кои содржат оксибензон. Забраната нема да стапи во ефект сé до 2018, но е важна затоа што конечно привлекува внимание на еден проблем што досега поминуваше незабележан (освен од биолозите и еколозите), и затоа што претставува конкретен чекор со кој ќе се натераат туристите да користат минерални, наместо хемиски производи за заштита од сонце.

Оксибензонот има неверојатно токсичен ефект врз младите корали – предизвикува нарушување на ендокриниот систем, ја оштетува ДНК-та и предизвикува смрт кај коралите. Хемиските креми за сончање исто така резултираат со избелување на коралите и трагично губење на прекрасните бои по кои се познати коралните гребени. Овие бои не само што се уживање за око, туку се од витално значење за коралите. Коралите се составени од мекотелни животни наречени полипи. Во полипите има вид на алги што користат фотосинтеза за да го снабдат коралот со нутриенти и со живот. Кога оксибензонот го разболува коралот, со тоа ги иселува живите алги во него и предизвикува губење на колоритот и негова смрт.

Иако хавајскиот сенатор Вил Есперо не сакаше да избрза со забраната и да ја активира пред 2018-та, идејата луѓето да се ориентираат кон минерални креми за заштита од сонце звучи како добро решение. Овие креми содржат цинк, цинк оксид и титаниум оксид – сите безбедни за коралите.

diving-712634_1280[1]

Во последните 40 години, изумрени се неверојатни 80% од коралите на Карибите. Тоа не само што ја намалува привлечноста на подводниот свет, туку значи и смртна опасност за повеќе од милион видови алги, безрбетници и риби што живеат во нивна близина.

Првото избелување Хаваи го забележа во 2014-та, а оттогаш сведочи масовни изумирања секоја година. Освен на Хаваите, значително изумирање на корали има и на Велигденските острови, Фиџи, Тонга, а и на други карипски острови. Слични забрани би биле добредојдени не само заради заштита на подводниот свет, туку и заради тоа како неговото уништување се одразува на економиите на овие земји, кои главно се потпираат на туризмот.

А во овие немарни времиња, животната околина си страда нон-стоп. Глобалното загревање и зголемувањето на киселоста на океаните исто така ги убиваат коралните гребени. Сепак, за разлика од овие, проблемот со кремите за сончање е лесно решлив, и таа прилика не треба да се пропушти.

- Реклама -