Само сиромашните не се загрозени

04af3f34de2f909b68ae5d07ed6ca171_M[1]

Секако сте забележале дека загрозен можеш да бидеш на многу начини – национално, верски, родово. Може да биде загрозено твоето право на сексуално определување. Можеш да бидеш жртва на мизогинија, хомофобија, исламофобија, антидемократски права, можат да бидат оспорени твоите човекови, политички, а и правото на живот.

Единствено не си загрозен ако си сиромашен. Бидејќи, кога си сиромашен, ти не си жртва на некаква фобија или -изам. Ти всушност и не си жртва, затоа што за својата сиромаштија си сам лично виновен: бидејќи не си се снашол, не си се прилагодил на времето, не си работел доволно вредно или доволно мудро. Ако си сиромашен, твоите права не се оспорени. Бидејќи да јадеш, да се грееш и да им платиш факултет на децата – не спаѓа во твоите права.

Следствено, не си загрозен ако на детето не можеш да му дадеш пари за ужина или да му платиш екскурзија. Ниту пак детете заради тоа е загрозено. За сиромашните не важи тоа: можеш да бидеш што ќе посакаш. Бидејќи сиромашните нема да станат богати, ма колку тоа силно и да го посакувале.

Затоа нема друга опција освен да се плукне на сите тие њу ејџ пророци кои повторуваат како немаме од што да се срамиме, како треба да се прифатиме себе си и да уживаме во себе. Стварно? Да ја прифатиме сиромаштијата?

Нашите деца нема да се срамат зашто се облечени во евтини крпи и бидејќи ги немаат гаџетите со кои се фалат другите деца? Да се биде сиромашен не значи да се биде жигосан и отфрлен од општеството? Ако сте оделе во школо и сте имале работа со други деца-врсници, знаете колку е меѓу нив изразена таа хиерархија, и како тие кои се поразлични брутално се казнуваат. Знаете како исклучува од заеницата тоа што имате помалку и сте деца на општествено пониски родители. Ама, што има врска? Enjoy poverty – прифатете го своето сиромаштво и уживајте во него.

Се разбира, овде е можен циничен одговор. Сиромашните не се никакво малцинство, па нивните права да треба да се штитат. Сиромашните се мнозинство. Затоа, другите – богаташкото малцинство, на пример, би требало да се штити од нив. На крајот, сиромашните би морале да ги отфрлат своите предрасуди и да научат да ги прифатат богатите.

А никој друг, всушност, од заедницата, не е така потполно исклучен како најсиромашните. Оние кои немаат, кон никого не се така сурови како кон оние кои имаат уште помалку од нив. Како што никој кон хомосексуалците не е така агресивен како што се латентните хомосексуалци – хомосоцијалните заедници, како навивачките групи и разните религиски братства, на пример, така никој не гаи така целосен и активен презир кон сиромаштвото како што гаи таканаречената средна класа, која и самата е латентно сиромашна.

Ете ви пример за тоа што значи да се биде апсолутно исклучен. Во Улцињ, во градот во којшто живеам, постојат неколку ромски дечиња и момчиња кои просат на семафорите и низ градот се шетаат облечени како девојчиња. Малите момчиња носат фустани, шноли во косите, понекогаш штикли и шминка; во основа, децата се драг-кралици.

Мал е Улцињ, а во малите градови е заебано да си поинаков: немаш каде да се сокриеш. Кога некој би прошетал низ градот како женско, тоа би бил првокласен скандал. Несомнено би бил испратен со навреди и по некој удар. Прашањето е единствено кој прв би ти удрил клоца: овие или оние. На циганчињата што се облекуваат како жени, меѓутоа, никој не обрнува внимание.

Бидејќи тие не се дел од заедницата. Бидејќи тие во суштина не постојат. Бидејќи во случајов никој и ништо е тој што носи фустан. Бидејќи тоа што тие го носат и го прават никого не засега: не повеќе отколку што го засега тоа во што се облечени гулабите.

Па така, јас мислам дека сите тие испарцелирани идентитетски општествени борби кои ги сведочиме, имаат за цел да го прикријат едноставниот факт – дека беснее класна војна, и дека во неа (како што во еден излив на искреност сподели Ворен Буфет), богатите ги дерат сиромашните.

Што ни говори тоа? Дека поделбата на оние кои имаат и оние кои немаат е темел на системот. Дека таа не смее да исчезне, бидејќи со неа би исчезнал и системот. Сите други општествени борби за еднаквост се пожелни и ќе бидат поддржани – и нека, треба. Ама барањето за еднаквост, она што го упатуваат сиромашните, нема ни теоретски шанси. Нема НВО-а, нема грантови и фондови за таа цел, а јавните интелектуалци радо се бават со некои други, поотмени проблеми.

Секое барање за еднаквост кои им го врти грбот на сиромашните и се задоволува со еднаквост само за себе – е фаличен. Кога бараме солидарност, не е ли елементарно пристојно и да ја понудиме?

Андреј Николаидис, за zurnal.info

- Реклама -