Додека навивачите на Манчестер Јунајтед со големо внимание го следат текот на преговорите со Арсенал за Робин ван Перси, најтрофејниот англиски клуб го ангажираше младиот чилеански голгетер Анџело Енрикез.
Суперталентираниот 18-годишен напаѓач имаше одлична сезона во дресот на Универзидад де Чиле, со 11 погодоци на 18 натпревари помагајќи му на својот тим да стигне до шампионската титула.
Добрите игри на Енрикез беа забележани од неколку европски гиганти, но сепак трката по неговите услуги ја доби Алекс Фергусон. Искусниот стратег се согласи да плати четири милиони фунти за да го доведе Енрикез на „Олд Трафорд“, а Чилеанецот веќе пристигна во Манчестер, каде што ги мина и неопходните лекарски прегледи.
Во следните неколку дена младиот Чилеанец би требало да ја добие и неопходната работна дозвола, по што неговиот трансфер во таборот на „Црвените ѓаволи“ ќе биде официјализиран.Во меѓувреме, раководството на Јунајтед работи напорно и за да го продаде Димитар Бербатов, кому ќе му биде дозволено да си замине за отштета од пет милиони фунти.