Австралија ќе скокне 1.8 метри на север

1[1]

Да му мислат Австралијците: на Нова година целата земја ќе се помести за 1.8 метар кон север. Пред скептично да се намуртите, не станува збор за апокалиптично поместување на тектонските плочи, ама баш тие се виновниците за овој австралиски неред.

Австралиската плоча се движи со околу 7 сантиметри кон север секоја година. Ова движење се акумулира во текот на годините и доведува до значително несовпаѓање меѓу локалните и глобалните координати на картите со тие на дигиталните навигациски системи кои се користат од сателитите.

Во моментов таа разлика изнесува 1.5 метри. Тоа е доволно за да создаде проблем на сите во Австралија кои користат GPS, паметни телефони и возила.

„Ако сакаме да почнеме да користиме автомобили без возачи, точната информација на мапите е од фундаментално значење“ – вели Ден Џакс, член на Geoscience Австралија за БиБиСи. „На фармите во Австралија веќе имаме трактори што возат без трактористи, и ако информациите за фармата не се совпаѓаат со координатите кои доаѓаат од навигациониот систем, ќе има проблеми“.

Со цел да се избегне мрачната иднина во која самоуправувачки трактори бескомпромисно прегазуваат збунети стада овци и друг домашен добиток, од почетокот на 2017 година локалните координати на земјата ќе се поместат на север. Веќе до 2020-та година, движењето на плочите ќе се порамни со корекцијата. Тогаш аналогните и дигиталните координати ќе се совпаднат за прв пат од 1994 година – кога последен пат беше ажуриран локалниот координатен систем.

Прочитајте и:  Австралија: Милионски казни за социјалните мрежи ако не спречат пристап за лица помлади од 16 години, корисниците ќе треба да се идентификуваат

И за да не се случи тоа повторно, ќе биде воведен нов, сé уште неодреден систем, кој ќе се грижи за совпаѓање на координатите во реално време.Штом најдеме систем кој може да се справи со промените што се случуваат со тек на времето, тогаш сите во светот ќе можат да бидат дел од овој систем“.

До пред 85 милиони години, Австралија била прикачена на Антарктикот, но почнала да се одделува. Пред 45 милиони години, кога ерата на диносаурусите веќе завршила, Австралија и Антарктикот биле целосно одвоени еден од друг. Првично австралиската плоча се споила со индиската, но потоа повторно се одделува, можеби пред не повеќе од 3 милиони години.

За едно 50 милиони години, австралиската плоча ќе се зарие во југоисточниот брег на Кина, со што ќе формира нов планински венец. Ова ќе биде едно од првите парчиња во сложувалката во која континетите ќе се соединат во Пангеа Ултима – следниот суперконтинент, по 250 милиони години. Дотогаш… ќе треба да ги усовршиме GPS системите.

- Реклама -