Скопје ’63-та: Раната крвари по 53-ти пат

„Програмата за 26-ти јули: Започнуваме во 5 часот, со музика од плочи. Ќе ја слушате мелодијата на Шарл Азнавур – Vivre avec toi… Прогноза за утрешното време: Сончево и топло… Драги слушатели, ви пожелуваме добра ноќ“, се одјави радио Скопје вечерта на 25 јули, најтоплиот ден годината, кога плажите на Вардар беа преплавени со капачи.

Неколку часа подоцна, ја немаше најавената мелодија. Радио Скопје се огласи со поинаков тон:

„Зборува радио Скопје. Ви се јавуваме од импровизираното студио со својата прва емисија по катастрофалниот земјотрес што утринава, на 26 јули, во 5 часот и 17 минути, го снајде нашиот град…“

Скопје се разбуди осакатено. Му фалеа 1070 чеда, 4000 му беа повредени, а над 200.000 останаа под ведро небо, без покрив над главата.

Часовниците застанаа на 5 часот и 17 минути, кога подмолниот земјотрес со јачина од 6.1 степени по Рихтер го фати градот на спиење. Дваесет секунди – толку беа доволни Скопје да падне на колена.

zemjotres-360-stepeni-2[1]

Земјотресот беше почувствуван на територија од 150.000 квадратни километри, најсилно по долината на Вардар (5-6 степени), а и низ цела Македонија (4-5 степени). Разруши 15.800 станови, а оштети 28.000, претворајќи го Скопје во „град на шатори“.

Следните часови, денови, месеци, години, Скопје најде браќа во 87 земји, кои му помогнаа да се соземе од шокот. Скопје стана град на солидарноста, на надежта, на обновата.

Денес е поживо од било кога, но раната е уште тука. Нé здоболува секоја година на овој ден, наметнувајќи ни го прашањето: А што ако не се случеше?

https://youtu.be/UmZ99G7CCK4?t=560

- Реклама -