Седум знаци дека ти е мал

A-full-size-copy-of-Michelangelos-marble-statue-of-the-Biblical-hero-David-with-an-uncircumcised-penis[1]
Сликава за инат на тие што го облекоа Прометеј.

Дури и големината да не е од нешто големо значење, многу мажи(шта) не сметаат така и цел живот се обидуваат на најлошите можни начини да го компензираат фактот дека не се Роко Зифреди (не се прајте дека не го знаете).

Вистината е дека повеќето нормални дами би ти го прифатиле физикусот таков каков што ти е, под услов да те сметаат за забавен и освестен. Што уствари никогаш нема да се случи, ако постојано и упорно лечиш комплекси на некој од следниве начини:

Преекспониран мачоизам и агресија кон слабите

Нема како статистички да се провери дали навистина е така, но не е тешко интуитивно да се заклучи дека ако си склон да мачиш животни за задоволство или да тепаш жени, недоразвиени тинејџери или пензионери – најверојатно не можеш да се пофалиш со 20 сантима.

Големото „достоинство“ подразбира пристојно однесување, а обично човекот кој го поседува нема потреба да докажува каков маж е и колку тестостерон може да испрска врз беспомошните или послабите од себе суштества.

Скапоцености, злато и големи автомобили насекаде

Целта ти е со нив да го оттргнеш вниманието од основното, јасно е. Не случајно многу мажи преферираат да бидат интимни баш во автомобилот. Се надеваат дека тоа што колата е тјунирана, голема и обложена со кожа, другото нема толку да се примети.

Тажната вистина е дека тоа и онака ќе се случи.

Сите знаеме дека нешто што блеска, сјае и свети – го привлекува вниманието. Било да се тоа ланци, бандажи и секакви други предмети кои не ги создала природата, туку човекот. Човекот, пак, свети со свој сјај и со свој вкус.

Огромни раце

Спортот, грижата за телото и духот се супер определба, но сé си има граници.

Едно е да водиш здрав и активен начин на живот, друго е постојано да стануваш од справата и да мериш бецепс со другиот на справата до тебе; а всушност не можеш да се искачиш ни до средно Водно без да ти се слоши.

Има нешто длабоко сомнително во индивидуа која многу настојува да е тврда и напумпана, претежно од половината нагоре…

Огледалце, огледалце, кој е најубав на светот?

Ако поминуваш повеќе време пред огледало од очајна жена на крупен бизнисмен во елитен спа хотел, тоа говори дека нешто друго, невидливо со голо око, но важно за тебе, ти создава голема мака. 

Сексизам, хомофобија, воопшто страв од жени и геј луѓе

Сонуваш да учествуваш во реално ТВ шоу со многу пари и слава, но не се пријавуваш зашто се плашиш да не те облечат во фустан, или не дај боже – да те бакне маж во образот, макар бил и баш тој што тајно го симпатизираш. 

Тоа се женски и педерски работи кои ти се силно непривлечни, бидејќи, барем во повеќето скриени катчиња на својата свест, ти си мега женкар со огромен потенцијал за мега женкарство.

Еднаш жена ти те замоли да ѝ купиш влошки од продавницата во комшии и оттогаш веќе 15 години си ерген, локаш само чиста водка и не се бањаш. Со еден збор, правиш што си сакаш. Како вистински маж.

„Драма квин“ синдром

„Животот е низа од разочарувања, болка и неутешен порив кон невозможното…”, би ѝ рекол ти на непозната убава жена во последователен во серија очајнички обид за нешто како заведување, на опашката на редот пред касата во маркетот.

Твоите пријатели внимаваат како комуницираат со тебе, бидејќи можеш да се налутиш и да ги истепаш. Омилената твоја навика од петто одделение. Секогаш нешто денот не ти е погоден, секогаш нешто недостасува за да бидеш целосно среќен… Што ли?

Постојано правење муабет за секс

Иако никој не те видел со жен(ск)а од матура, сите околу тебе се имаат изнаслушано такви твои приказни. Сепак, приказните за тоа која си ја растурил синоќа имаат баснословен карактер, а дури и твојот пријател сценарист се мисли дали да ги вметне во новата серија што ја пишува со надеж дека ќе стане светски хит. Што всушност би го отежнало снимањето, бидејќи не е едноставно да се сними сцената „Имав тројка со манекенки, стоечки, на балконот, пред очите на сите комшии“.

Секогаш кога некој ќе те праша каде е таа најсреќна жена на светот што имала луда среќа да помине неколку часа со тебе во боемското ти живеалиште, истата, под кодното име „Кучка“, одеднаш ти ѕвони на телефонот и ти наредува веќе да не ја замараш и да исчезнеш.

Со што, на крајот, навистина ќе им донесеш радост на луѓето.

Антонија Антонова

- Реклама -