„Берење“ на сулфур: Работа за 600 денари дневница

ruda

Најтешкото и најопасно работно место? Живиот вулкан Ијен во Индонезија. Содржи огромни количини сулфур, а каде е сулфурот, таму се и рударите. Овие таму, во Индонезија, секоја минута го ризикуваат животот, а работат во крајно нехумани услови.

Вулканот Ијен е посебен по тоа што наместо зажарена портокалова лава, исфрла лава со сина боја. Овој необичен феномен се должи на хемиските процеси – синиот пламен се јавува како последица на согорувањето на сулфурните гасови во срцето на вулканот на температура од 600 степени.

Вулканот е жежок, рудата исто така. Рударите редовно носат по две големи корпи полни со врел сулфур, кој се откинува од подот на кратерот на вулканот. Тоа најчесто значи дека носат товар од околу 90 килограми – 1.5 пат повеќе од нивната сопствена тежина.

Опремени се само со крпи со кои го прекриваат лицето, а со тоа ризикуваат труење со гасови, тешки и долгорочни последици по здравјето, или во најмала рака – губење на свеста на лице место. Количината на хидроген сулфид што овие луѓе ја вдишуваат е 40 пати над дозволеното. Платата им е по околу 12 долари дневно.

„Велат дека работењето овде ти го скратува животот“, вели еден од работниците.

Работното време им почнува непосредно по полноќ, во потполн мрак, и во густ вулкански чад кој ги гори синусите со остар киселински мирис. На работ на кратерот, на околу 2.600 метри надморска височина, густината на испарувањата на отровните гасови е драстично поголема. Видливоста достигнува одвај еден метар, а движењето по стрмните и лизгави каменести стази е исклучително ризично дури и со батериска лампа.

Ијен нема еруптирано повеќе од 64 години, ама е и те како жив. Храброст? Лудост? Рударите ја работат оваа работа затоа што имаат семејства, а таму во Индонезија нема ниедна друга работа што плаќа така „добро“.

Животот на рударите отсекогаш бил тежок.

- Реклама -