Треба да убиете неколку минути додека чекате автобус или воз? Наместо бесцелно да чачкате по телефон или да зјапате во неинспиративниот пејзаж, зошто да не си прочитате некоја кратка приказна?
Една мала стартап компанија од Гренобл, Франција си постави баш таква задача – да ја промовира ваквата пракса со помош на вендинг машините за кратки раскази – Short Edition. Идејата му светнала на еден од нејзините основачи – Кристоф Сибиде, додека стоел пред обична вендинг машина за слатки и се прашувал дали постои подобар начин да убиеш време, освен со јадење.
Досега, по улиците на Гренобл се иснталирани осум улични автомати за кратки раскази. Машините имаат три копчиња преку кои нудат опции во зависност од тоа колку време за читање имате – 1, 3 или 5 минути. Расказите се печатат во истиот момент, на парче хартија што наликува на фискална сметка. Кратките приказни по случаен избор се напишани од колектив од истомисленици – дел од заедницата на Short Edition, а вклучуваат и поеми, како и разни форми на експериментална кратка фикција.
Ако ви фаќа окце ова, дефинитивно ќе ви фати и Библиомат-ов.