Не знам, значи живеам

11b8145be285a17777ee4d809bfd4d09_M[1]

Колумна: „Леб и цигари“

Јаде и пуши: Душко Домановиќ

Не знам дека наскоро ќе наполнам триесет и четири години, иако уште од дваесетти имам брчки за тоа и да го докажам, макар што далеку повалиден доказ би била куќа, куче и клемпаво дете. Не знам дека живеам во држава која не знае дека јас постојам, иако, по некакво чудо, сосема уредно се присетува на мене кога треба да ми опне данок, во крв или пари, сеедно. Не знам дека живеам во град во кој постојано гладни дрвосечачи ги сечат моите дрва, убедувајќи ме дека бетонот поубаво мириса; во градот во кој од истиот тој бетон растат деца кои во десеттата јадат лепак, во петнаесеттата тромадоли, во осумнаесеттата урлаат на фудбалските трибини, а во триесеттата ја силуваат родената мајка, убиваат за сто динари, столуваат во јавни претпријатија, умираат со игла во раката или скокаат од петнаесетти спрат, надевајќи се дека мракот кој ќе ги дочека ќе биде помалку црн. Не знам дека на бога му се молат оние кои неодамна бога го распнаа на крст. Не знам дека црквата во името на истиот тој бог ги руши кафаните и од гладните усти краде земја на која не умее ни детелина да посее. Не знам дека поповите им ја земаат невиноста на машки деца во блиндирани автомобили и во хотели со пет ѕвезди. Не знам дека медиумите ги држи онаа иста фукара која не така одамна увезуваше Румунки и Пољакињи, повикуваше на клање, ми фрлаше бомби на главата, прелепуваше предизборни плакати преку некролозите на моите сограѓани. Не знам дека истите тие медии наплаќаат дебел рекет од запотените политиканти, за, за возврат, потта на запотените да мириса на лаванда, наместо на гомна. Не знам дека синдикалци, членови на невладини организации, независни новинари, промашени поети, политички аналитичари, феминистки, побожни гајдаши, анархисти, антиглобалисти, теисти, атеисти, Срби, Несрби, Курто и Мурто, во четиристотини бесплатни квадрати ги чешаат своите меѓуножја и штанцаат соопштенија за глобалното загревање и локалната политика за испрани пари во суми за кои на нормален човек во ненормална земја од дамнешните денови му откинувале глава и ја фрлале во контејнер. Не знам дека Курто и Мурто одамна јаваат заедно, само повремено менувајќи ја уздата, за будалата да помисли дека барем еден од нив го заболело. Не знам дека за бурек, кирија и тутун петнаесет години работам на црно, паралелно во десет фирми кои се борат за правата на работниците. Не знам дека долговите кон бога, народот и непријателите со ова темпо ќе ги исплатам отприлика до 2080-тите, кога, по сопствена проценка, и ќе отидам во пензија. Не знам дека во комшилук живее пензионер кој секое утро ми бара цигара и педесет динари. Не знам дека моите најдобри пријатели јадат бајат леб на дванаесет месечни рати и сонуваат море. Не знам дека моите родители, по четириесет години просипување на своите сопствени џигери по правот, се радуваат кога успеале да ја отплатат ратата за дрва. Не знам дека плачат секоја вечер по изгледаните серии, кога ќе сфатат дека од своето месо, од своите црни дробови, од својата крв направиле куќа која после нив ќе остане празна, бидејќи синот им отишол во пизде материне, да исчепка парче смисла, парче живот, а станал незабележан поет, лажго, пропалица, алкохоличар, исфрустрирана депонија од потрошени живци која со години не се смее н знае дека тоа што некои би го нарекле смеа е всушност хистерија на беспомошен створ кој нема сила да убие, ниту себе, ни други. Не знам дека книжевните списанија ги објавуваат оние со книжевно потекло и некнижевни стрини и кумови. Не знам дека ниту еден од четириесет издавачи на кои им го пратив ракописот од својата книга истиот нема никогаш да го прочитаат. Не знам дека најпрестижните книжевни награди ќе ги добијат гомна кои креваат два прста само во прилика на нарачано гласање, кои не умеат да ја состават ни сопствената биографија, кои никој чесен пекар не би ги вработил. Не знам дека и левата и десната струја за електрични пендреци и електрични столици произлегуваат од иста река, само на спротивниот брег, и дека здружено и заеднички во неа серат, фрлаат пластични кеси, зарѓани „Смедеревци“ и мртви глувци, за да ги потрујат тие низводно кои ќе сакаат да го исперат малтерот од себе, по дванаесет саати рмбачење на градилиштето на зградата во која леводесниот онлајн ќе се бори за стариот изглед на фејсбукот, за напуштените горили, за моето неотуѓиво право да мислам исто како и тие. Не знам дека уредникот на весникот – кој првобитно ми предложи во тастатурата да извриштам барем невидлив дел од сé она што и самата можност за прогласената неизменета човечност на сите нивоа на ретардираните хиерархии во светот, од Лесковац до Етиопија, во сам старт се чини невозможна – ова никогаш нема да го објави, бидејќи тој не знае дека јас не знам дека гомнестите структури порадо ќе го пресечат целото стебло отколку гранката на која седат, и дека, и покрај сите закони на физиката, стеблото ќе падне, а гранката ќе остане довека да лебди, макар на метар од дофатот на моите, а богами и на неговите раце. Не знам дека од сé она што не знам можам секој ден по една „Војна и мир“ да исповраќам. Не знам…

Не знам. Бидејќи, тоа е единствен начин да живеам, тоа е единствен начин да постојам.

Akuzativ

- Реклама -