Како е да работиш со храна додека постиш за Рамазан

Им останува уште малку. До 5-ти јули, муслиманите ширум светот постат, бидејќи го слават светиот месец Рамазан, воздржувајќи се од јадење и пиење од изгрејсонце па до зајдисонце. Тоа може да значи и до 17 часа постење дневно, со оглед на летните кратки ноќи и долгиот ден.

Во меѓувреме, тие што не се муслимани продолжуваат да си кркаат без усул (океј, можеби со малку усул, зашто сакаат да се згодни на плажа), а тоа значи дека муслиманите што работат со храна во немуслиманските земји, како Британија на пример, се пред (тро)дупло искушение.

Британски Vice ги прошета улиците за да ги праша муслиманите што постат, а работат во прехранбената индустрија – како издржуваат.

Име: Хамид Ислам (менаџер на ресторан)

muslimani-koji-poste-tokom-ramazana-pricaju-nam-kako-je-to-kad-tada-rade-sa-hranom-body-image-1467031855-size_1000[1]

VICE: Здраво Хамид, како оди досега?

Хамид: Тешко е. Телото постепено се успорува – го чувствувам тоа. Дојдов од Бредфорд денес, возев скоро три часа, и морав да запрам на 20 минути за да не се онесвестам.

Како тоа што работиш со храна влијае на тебе во ова време?

Тоа е право мачење, да бидам искрен. Замислете да готвите и служите 40 оброка за носење и 80 луѓе во ресторанот, да бидете опкружени со предјадење, со купишта главни јадења, а да не смеете да јадете. И плус, подготвувате храна секој ден, а не смеете да ја пробате, така што е тешко да го знаете вкусот – без оглед на тоа дали на јадењето му треба уште јогурт или уште сол.

Ама мојот пријател Ричард (покажува на ликот потпрен на шанкот) мора да јаде, а ние мораме да заработуваме, така што мораме да работиме. Тоа е добро за самоконтролата.

Што мислеше за Рамазан кога почнуваше да работиш со храна? 

Всушност се сеќавам дека на почетокот одбивав да одам на работа. Бев многу млад и не сакав да бидам во близина на храна додека постам. Но татко ми (сопственикот) ме тераше да работам. Да бидам искрен, ако не беше така, мислам дека сега не би бил во состојба да можам да работам.

Имаш ли некогаш мамено?

Не, не сум мамел.

Стварно?

Добро, имам, ама секогаш максимално се трудам. Имаше неколку пати кога ми беше претешко, така што брзо ќе испиев една чаша вода, само за да се смирам. Плус, кога бев помлад, мислев дека е бесмислено толку долго да се биде без вода. Се карав со родителите околу тоа. Им реков дека луѓето во пустината не можат толку долго да издржат без вода во текот на Рамазан. Во последните пет години се обидував сé да правам исправно, но претходно знаев да си речам „нема шанси, ќе се напијам малку вода“.

Име: Азим Али (готвач, келнер и менаџер) 

muslimani-koji-poste-tokom-ramazana-pricaju-nam-kako-je-to-kad-tada-rade-sa-hranom-body-image-1467031882-size_1000[1]

VICE: Како е да готвиш храна додека постиш? Не звучи баш забавно.

Азим: Точно. Ми се врти во главата. Многу сум гладен после 6, 7 навечер – после толку работни часа во врела кујна, без храна. Не е баш дека умирам, ама не размислувам околу тоа. Мојот ум е спремен. Мојата волја е јака. Знам дека тоа е должност – затоа што бог така заповедал.

Како мислиш?

Се чувствуваш гладен, многу гладен, но учиш да бидеш трпелив, и сега сфаќам како им е на луѓето кои немаат храна.

Колку долго работиш со храна?

20 години.

Како ти беше за Рамазан кога почнуваше да работиш? 

Беше тешко, но во муслиманските земји почнуваш со Рамазан уште кога си многу млад. Истренирани сме. Почнуваме кога имаме 12, 13 години. Почнуваме да се молиме, да го славиме бога, и почнуваме да постиме.

И, дали е сега полесно?

Да, мислам дека е. Уште огладнувам. И сега сум гладен (готви додека разговара со Vice). Убав е мирисот (прави пауза), но знам дека не смеам да јадам. Бог ме гледа, и морам да гоконтролирам својот глад. Бог ги знае нашите намери. Знае дали сум испил вода случајно или намерно.

Прочитајте и:  Храна која може да доведе до затнување на артериите

Дали од некои јадења повеќе огладнуваш?

О да. Можам да претпоставам дали јадењето кое го подготвувам е добро по тоа дали станувам погладен. Би можел да јадам сé, но најмногу сакам јагнешко. Искушението е поголемо кога спремам јагнешко.

Зошто не постиш цела година?

Зашто бог не заповедал така. Муслиманите сфаќаат дека нам бог ни го дал овошјето, водата, сé на овој свет (ја крева раката како одново да го создава универзумот). Еден месец постиме, а потоа му се заблагодаруваме на бога што ни дал толку прекрасни нешта.

Име: Амин Удин (келнер)

muslimani-koji-poste-tokom-ramazana-pricaju-nam-kako-je-to-kad-tada-rade-sa-hranom-body-image-1467031911-size_1000[1]

VICE: Се сеќаваш ли на првата година кога работеше во прехранбената индустрија за време на Рамазан?

Амин: Да – последните неколку часа беше многу тешко. Гладот беше толку силен, но моравме да гледаме во храната цело време, чекајќи го часот кога можеме да јадеме.

Кога сме зафатени, полесно ни е бидејќи сме фокусирани на работата. Немаме време да мислиме на храната. Но како се ближи крајот на денот и имаме помалку работа, а останува храна во кујната, па мозокот ти реагира на храна. Тоа не можеш да го запреш (се смее).

Како тоа ти влијае физички?

Кај секого е различно, но јас ожеднувам – многу ожеднувам. Главоболка, исто така, бидејќи нема храна за мозокот. Но до средина на месецот станува подобро. Телото научува да издржи.

За што размислуваш за да не паднеш во искушение?

Рамазан е свет месец; во глава ни стои дека тоа е наредба од Семоќниот. Исто така, тоа е месецот во кој размислуваме за тие кои немаат храна. Треба да го осетиш гладот во период на изгладнувањето, за да знаеш како им е на сиромашните луѓе. Рамазан е посветен на патењето за други луѓе.

Име: Абаз Али (главен готвач)

muslimani-koji-poste-tokom-ramazana-pricaju-nam-kako-je-to-kad-tada-rade-sa-hranom-body-image-1467031944-size_1000[1]

VICE: Како е да се работи со храна за време Рамазан?

Абаз: Многу е тешко, ние сме сепак само луѓе. Но мораме да останеме силни. Тоа го правиме за Алах. Надвор е жешко; внатре е жешко.  Поминувам часови работејќи покрај шпоретот, и очигледно е дека е многу тешко. Сепак се работи за самоконтрола, и на крајот тоа ве прави посилни.

Како е тоа споредено со нормалниот глад? 

Тоа е сосема поинаку. Кога е во прашање обичниот глад, можете да испиете чаша вода или нешто друго. За време на Рамазан, морате да престанете да јадете и пиете од излегување на сонцето, па до залезот, ништо не смеете да спуштите низ грлото. Со водата е најлошо; дехидрирате после толку саати работа во кујната.

Стојам тука во кујната со тебе само пет минути и веќе чувствувам глад –  а само што јадев.

Вистинитиот, искрен одговор на тоа е, да, го чувствуваме тоа. Посебно затоа што сега е лето. Ова ми е втор пат да морам да работам (за Рамазан) во текот на летото – минатиот пат беше во 1990-та. Ама постот нема врска со храната и водата. Постот е повеќе од тоа. На пример, ако убава девојка помине крај дуќанот, не е дозволено да ја гледате на тој начин. И морате да го контролирате јазикот кога спремате куп нарачки. Рамазан е морална дисциплина.

Колку од вашите муштерии разбираат дека славите Рамазан?

Скоро сите, мислам. Секогаш прашуваат дали работиме како и другпат. Тоа прави да се чувствуваме ценети, да бидам искрен – делува како да се грижат за нашата култура.

Пред некој ден, на пример, бевме баш зафатени и муштериите чекаа надвор на дождот. Една жена влезе и нејзината нарачка доцнеше околу пола час. Дојде до касата, рековме дека се извинуваме, а таа ме фати за рака и рече, „Ви благодарам, навистина го ценам тоа што работите, нека ви е среќен Рамазан“. Бев воодушевен. Тоа ме направи многу среќен.

- Реклама -