Кога оди во Луна парк (во светот не се вика „Луна“, ама ете, ние си го користиме како синоним за забавен парк), Џуди Ал-Омери кисне на количките за судар. Секогаш, без исклучок, вози во круг, а кога на патот ќе ѝ се испречи друга количка, таа маневрира за да ја избегне. Истото го прават повеќето од тие што се возат на количките. Така е како што звучи – количките „за судар“, во Саудиска Арабија не се користат за судар. Пред билетарата на оваа атракција има долги редици од возрасни жени.
„Доаѓам тука за да возам. Тоа е многу поубаво отколку да се судираш со другите“, вели 27-годишната Омери.
Еднаш неделно, во забавниот парк Ал Шалал во крајбрежниот град Џеда, се организира женска вечер. Жените ги симнуваат марамите и традиционалните хиџаби од главите, за да ги покажат најновите модни трендови – модерни искинати фармерки, фустани и фризури во стилот на 80-тите. Барем така е замислен настанот. Сепак, се чини дека за повеќето присутни жени, главната атракција не е модната слобода. Воланот е.
Во Саудиска Арабија, каде што на жените им е забрането да возат, за многу од нив воланот и педалите се големо и ретко задоволство, макар биле и на колички во Луна парк. Затоа, повеќето од сударите што ќе ги видите овде се ретки, и благи. Речиси сите учеснички се со една мисла – просто да извозат што е можно повеќе по глатката површина. Има и такви што ги сфаќаат како што ги сфаќаат насекаде – како забава, но сепак, за повеќето, количките за судар се сериозен тренинг.
Надвор од забавните паркови, доста активисти, писатели, па дури и дел политичари, повикуваат за подигнување на забраната за жени на патиштата (што патем, ја нема никаде во Куранот). Една од главните причини за тоа е и финансиската состојба – многу од жените, дури и тие што работат (23%), не можат да си дозволат да имаат шофер. Тие побогатите, од друга страна, знаат да речат: „Што ќе ми е да возам, имам шофер“. Тоа е и сигнал дека во ова конзервативно општество уште има многу луѓе кои се против укинувањето на забраната. Според нив, да им се дозволи на жените да се движат слободно без надзор од машки пол (сопруг, брат, татко) би ги изложило на општествени зла и лични непријатности…
Во градот Абха има сличен забавен парк, ама овој е мешан – го посетуваат и мажите, покрај жените. Едните и другите не возат заедно, туку се менуваат. Кога возат мажите, обично гледаат да земат што поголем залет и да се учукаат во некој друг. Кога им доаѓа ред на жените, околу платформата се спушта црна завеса, која ги сокрива од надворешните погледи. Зад завесата, количките возат како и во Ал Шалал – во кругови и без судари.
Ако ги прашате нив – жените кои се забавуваат на количките во луна парковите во Саудиска Арабија, најголем дел ќе речат дека би сакале да седнат на шоферското место и во вистински автомобил. Некои ќе признаат и дека го правеле тоа тајно. Ал-Омери, на пример, има возено низ пустината.