Ако често се чувствувате премногу уморни – ви недостига железо. Ако нозете и рацете постојано ви се ладни – тоа се типични симптоми при недостаток на минерални материи.
Зошто организмот не добива доволно минерали?
Причините зошто организмот не добива доволно минерали се: неправилната исхрана, строгите диети и недостатокот на информации. Не е секогаш доволно да ги набавите со храната, туку треба да ги отстраните и нивните непријатели.
Дали пиете кафе и црн чај во големи количини?
Јадете ли често колбаси, топено сирење или чоколадо?
Јадете ли пченични трици за добро варење?
Ако вашиот одговор е ДА, тогаш организмот ви страда од недостаток на калциум. Во овие продукти се содржат супстанции кои ја спречуваат неговата апсорпција.
За да го снабдите организмот со доволно минерални материи, хранете се разумно. Јадете свежо овошје и зеленчук. Не ги оставајте подолго време во вода, за да не „отпловат“ минералните материи.
Претпочитајте производи во природната форма, а не преработени.На пример житните растенија се богати со минерали, но брашното содржи премногу мало количество на вредни состојки.
Која храна крие најмногу минерали?
Железо
Железото се содржи најмногу во месото, црниот дроб, житариците, гравот, лебот со полни зрна, овесните снегулки. Содржината на чаша сок од портокал (природно приготвен), делумно ќе ја задоволи потребата од железо, ако не го уништите со кафе или чај.
Јод
Најчесто ќе го сретнете во рибата и морските производи и во помали количини во лебот и млекото. Секогаш користете јодирана сол. Еднаш во неделата јадете риба.
Калциум
Во менито задолжително треба да присуствува млекото и сирењето. Не игнорирајте го и зеленчукот – зелка, брокула, спанаќ. Ако ги комбинирате со храна која содржи фосфати (салама, чоколадо, кафе, чај), калциумот ќе биде уништен од нив.
Магнезиум
Најбогати се житариците, оревите, семките, спанаќот, зрнестите растенија и бананите. Потребата од магнезиум се зголемува при конзумацијата на алкохол и при постоењето на стрес.
Цинк
Се содржи претежно во пченкарните производи, овесните снегулки, морските производи, црниот дроб и пченичните никулци. Комбинирајте ги со млеко.
Објавено во соработка со За Здравје.