„За потребите на потполно ненаучна студија на овој феномен, влегов во 17 таксија во еден ден, а кога ставив безбедносен појас, девет возачи ме прашаа од каде сум, вклучувајќи го и тој што пукаше од смеење додека се обидував да се прикопчам на скршениот крај од појасот“, пишува Сејлан Јегинсу (од Истанбул) за New York Times.
Исправен појас во истанбулските такси тешко се наоѓа, „а и кога ќе го најдам“, додава репортерот, „размислувам два пати дали да го употребам, затоа што тоа може да го налути возачот, а понекогаш треба и да ги убедувам навистина сум Турчин“.
„Непријатноста со такси возачот ми беше последна на листата со грижи кога возачот на едно такси во кое се возев неодамна нагази на педалот за гас и почна да лета со 100 км/ч – три пати повеќе од дозволената брзина на патот.
Кога возачот го слушна она ‘клик’ на појасот, почна да мрмори:
‘Оп, оп, оп’ – звук кој Турците го прават кога сакаат да привлечат нечие внимание.
Го сретнав неговиот навреден поглед како ме гледа прекорно преку ретровизорот.
‘Зошто ставаш појас? Јас знам да возам!’
Друг пат, таксистите едноставно ќе ја исмеат мојата навика за ставање појас. ‘Појасот е само украс – бескорисен е’, инсистираше еден. Друг, пак, почна да се лути: ‘Ова е кола, не е хеликоптер!’“.
Турските таксисти си го тераат ваквиот став и покрај тоа што се познати по брзото возење, поминувањето на црвено и невнимателното престројување од лента во лента на автопат, без никаква сигнализација. Помладите обично гледаат Youtube видеа или играат игри на мобилните додека чекаат на семафор или во гужва во истанбулскиот сообраќај. Патем, според годишниот сообраќаен извештај на TomTom, Истанбул има еден од најгустите сообраќаи.
„Еден пријател се возеше во такси неодамна, кога таксистот извадил термос и се обидел да измеша чаша Нескафе, додека возел. Резултатот: мал судар и искривен браник“.
Патниците кои посегнуваат по појасот речиси секогаш ги сметаат за туристи. Во малиот експеримент на Сејлан, додека пробувал да го закопча скршениот појас, разговорот со таксистот се одвивал вака:
„’Што е смешно?’ – прашав на мајчин турски.
‘Од каде си?’ – ме праша тој.
‘Од регионот на Црно Море’, одговорив. ‘Зошто се смееше?’
‘Само странците го прават тоа’ – ми рече со потсмев. ‘Ако стварно си Турчин, тогаш остави го појасот и верувај му на својот народ’“.