Кога размислува за набавка на нови дела, Музејот за лоша уметност (MOBA – Museum of bad art) трага исклучиво по уметнички дела кои поседуваат „специјален квалитет“ што ги издвојува од оние начисто некомпетентните. Со други зборови, трага пред сé по уметност, ама лошо изведена. Донатори од целиот свет, антикварници и комунална хигиена – тоа се изворите на музејот.
Неговите почетоци датираат уште од 1993, кога дилерот на антика – Скот Вилсон, забележал слика во масло во ѓубрето. Денес таа е врамена и носи наслов „Луси во полето со цвеќиња“.
Пријателите на Вилсон го охрабриле да почне колекција, па почнал со изложби што ги организирал дома. Посетеноста сé повеќе растела, па колекцијата конечно нашла постојан дом во подрумот на општинскиот театар во Дедам, Масачусетс. Откако театарот падна во рацете на нов сопственик, главната галерија е преместена во филмскиот театар во Сомервил, а има свои ограноци и во Бруклајн (не Бруклин) и Јужен Вејмут, близу Бостон.
Денес, колекцијата брои над 600 дела, сите оригинални и направени со искрена намера – од ужасни пресликувања на човечката форма, до неразбирливи пејзажи и пропаднати експерименти во портретирање на животни. Веројатно заради просторните ограничувања делата во најголем дел се дводимензионални, ама како и да е, сé што се наоѓа таму недвосмислено го оправдува слоганот на музејот – „уметност премногу лоша за да биде игнорирана“.
Со оглед на тоа дека нема академија за лоша уметност, како уствари знаеш дека е лоша уметност? Е па тоа е „x-факторот“ на лошата уметност – што едноставно знаеш.
За уште, ТУКА.