Жената е централен и основен мотив во делата на Климт. Сликите на овој контроверзен австриски сликар ретко содржат прикази на мажи. Мажот е споредна фигура, пиун во шахот, режисер и статиста, попустлив господар и слуга. Неговото присуство само ја нагласува веќе пренагласената сензуалност и убавината на жената. Климт сликаше голи женски тела, а основниот принцип на неговата сликарска четка е слободата. Со оваа тематика Климт го иницира ослободувањето од крутите и суви реалистични портретирања на женското лице и тело, воспоставените норми на облекување и конзеравитивизмот на виенската аристократија. Слободата, според сфаќањето на Климт, е основниот принцип на природата. Стеблото како симбол на животот, водата како нужност, оганот како потреба, жената како злато и мерка за вредност.
Како типичен претставник на симболизмот во сликарството, Климт ја поистоветува слободата со жената. Тој го нагласува нејзиниот ерос и го поставува во центарот на универзумот. Жената е нужност, извор на животот, мајка, љубовница, судија. Со раѓањето на жената се раѓа пролетта, таа се буди, како што се буди и природата. Токму од тие причини на неговите слики неретко е прикажано зеленило, илјадници цветни мотиви и орнаменти, со покривачи во облик на ливади кои го скриваат нејзиното тело и кои симболички ја прикажуваат земјата од која се раѓаат билките.
Климт се обидува да ги пренесе основните закони на природата во своите слики. Тој ни говори за жена која била роб на општеството во времето во кое живеел. Тој ја слика скриената потреба на таа жена да се ослободи, да „процвета“ и да сфати дека нејзината слобода е нејзиното најголемо богатство. Таа се раѓа со раѓањето на својата сексуалност. Жената е Ева, живот, но и патење и смрт. Климт преку низа симболички мотиви всушност ја создава реалната слика за жената, која таа ја има за себе кога е сама, вон општествениот критицизам и наметнатите норми на однесување кои значат затвореност и неслобода. Климт всушност го критикува тоа општество и опкружување, сметајќи дека жената во него „гладува“ и дека нејзината убавина треба да се „храни“, а не да се одзема. Во таа смисла, Климт жената ја „ослободува“ поистоветувајќи ја со уметноста, која во тоа време исто така е попречувана.
***
Најпознатата слика на Климт, на која покрај жената е прикажан и маж, е сликата „Бакнеж“ (1908). Оваа слика настанала во неговата „златна фаза“. Климт ја насловил како „Љубовници“ и прв пат била изложена под тој назив, но подоцна истиот е променет. Се смета дека на оваа слика е прикажан самиот Климт и една од неговите големи љубови – модната креаторка Емили Флеге. Во прилог на тоа оди што на позадината на сликата стои запис „Емили“.
На сликата може да се видат двајца во љубовен занес. Отсекогаш постоеле обиди да се одгатне мистичноста на сликата, пред сé преку дефинирање на природата на овој љубовен однос. Дали жената го одбива мажот што ја прегрнува, така што го оттурнува од себе, или со својата положба на главата и рацете говори дека тој ѝ е потребен и дека го сака?
Ако ја набљудуваме сликата, можеме да видиме дека мажот и жената чинат едно тело, бидејќи не постојат јасни линии кои ги раздвојуваат, така што тие го отсликуваат единството на природата. Со своите тела, во прегратка, тие се наоѓаат на работ на ливада. Самиот факт што стојат на работ говори за некаква забранетост на нивниот однос. Мажот со своите раце цврсто ја држи женската глава и ја бакнува во образ, додека таа се впива во неговото лице.
Машкиот принцип, односно машката сила, на оваа слика е дефинирана преку низа и склоп од црни и бели правоаголници што го покриваат неговото тело. Тие можат да ја симболизираат машката логика, математичкиот ум и физичката сила, додека жената е прекриена со цветни мотиви во облик на кругови, кои повторно ја симболизираат женската емоција, плодност и нејзината сонувачка природа. Правоаголникот може да симболизира и потреба за заедништво – дом, додека кругот може да го претставува животниот циклус, времето, движењето и раѓањето.
***
Климт сликал многу познати дами од своето време. Нивната личност и стил на живот ги нагласувал со мотиви на раскош. Сакал да ги прикажува жените како фатални, полни со самодоверба, свесни за својата заводливост и убавина.
Климт потекнува од сиромашно граверско семејство. Својата професионална кариера ја почнал во Виена, кога добил задача да го наслика таванот на една од салите на виенскиот универзитет. Кога ја завршил сликата за таванот, нарачателите на делата биле запрепастени од мотивите кои ги имал избрано. „Медицина“, „Филозофија“ и „Право“, Климт ги претставил како голи жени. Заради тоа, овие негови дела никогаш не се прифатени ниту пак изложени во јавноста, бидејќи беа премногу модерни и либерални за тогашните конзервативни универзитетски умови. Сликите се уништени во текот на Втората светска војна.
За Климт се зборувало дека бил голем заводник и дека имал бројни паралелни љубовни врски. Исто така, никогаш не се дознало колку всушност потомци имал. Никогаш не се оженил. Умрел во 1918-та година, во 55-тата од својот живот, како последица на мозочен удар.
Во 2012-та, во Австрија е одбележната 150-годишнина од неговото раѓање. Сликата „Бакнеж“ и ден денес може да се види во музејот Белведере во Виена.
Наследството што го добивме од Климт е сфаќањето за универзалната и неминливата убавина на жената. Меѓутоа, жените не се убави само на неговите слики. Доволно е да прошетате по улица и да погледнете со негови очи. „Слободата е жена, освои ја“.
Mary Jane