Во 1964 година, кога Њујорк беше домаќин на Светскиот саем, познатиот писател на научна фантастика и професор по биохемија на Бостонскиот универзитет – Исак Асимов, ја искористи можноста да прогнозира како ќе изгледа светот по 50 години – под претпоставка дека ќе ја преживее нуклеарната закана на Студената војна.
„Како ќе изгледа животот во 2014? Каков ќе биде светот 50 години од сега? Како ќе изгледа светскиот саем? Не знам, ама можам да погодувам“, го почнува Асимов есејот објавен во The New York Times по повод светската изложба, во кој претставува еден свет кој во голема мера може да го препознаеме денес – свет во кој:
• Човекот ќе продолжи да се оддалечува од природата во обид да креира околина што подобро ќе му прилега. Во 2014-та, електролуминисцентните панели ќе бидат во честа употреба. Таваните и ѕидовите ќе светат со мека светлина, и во разни бои што ќе се менуваат со притискање на копче.
• Прозорците нема да бидат потреба, туку архаичен детал, а дури и кога ќе ги има, стаклото ќе биде поларизирано за да ја блокира интензивната сончева светлина. Степенот на проѕирност на стаклото „можеби ќе биде така направен што автоматски ќе се менува во зависност од интензитетот на светлината што паѓа врз него“.
• Гаџетите ќе продолжат да го растоваруваат човештвото од досадните работи. Кујнската опрема ќе може да произведува „автоматизирани (инстант) оброци”, да ја загрева водата и да ја претвори во кафе, да пече леб, да пржи или вари јајца, да пржи сланина, итн. Појадокот ќе се „порачува“ претходната вечер за да биде готов во одредено време следното утро. Комплетните ручеци и вечери, од полупроцесирана храна, ќе бидат чувани во ладилник додека не се готови за дообработка.
„Претпоставувам дека, сепак, и во 2014 ќе се препорачува да се има мал дел од кујнската површина каде што рачно ќе можат да се приготвуваат индивидуални оброци, особено кога ви доаѓа друштво“.
• Роботите ниту ќе се среќаваат често, ниту ќе бидат особено добри во 2014 година, но ќе постојат.
„На денешниот саем на IBM нема роботи, ама има компјутери, прикажани во сета нивна комплексност, особено по способноста да можат да преведуваат од руски на англиски. Ако машините се толку паметни денес, што ли нé очекува по 50 години? Токму ваквите компјутери, но далеку миниајатуризирани, ќе ги претставуваат ‘мозоците’ на роботите. Дополнително – на саемот во 2014 година, еден од главните работи кои IBM ќе ги претстави, може и да е робот-слугинка – голем, тромав и бавен, но способен да зема, подредува, чисти и манипулира одделни апарати во домот. Веројатно за присутните ќе биде забавно да расфрлаат ѓубре по подот на саемот, само за да видат како роботот полека но сигурно ги зема, ги класифицира како отпадоци и ги издвојува настрана. Најверојатно ќе се појават роботи-градинари“.
• „Комуникацијата ќе се развие до такво ниво што не само што ќе можеме да го слушаме човекот, но и да го гледаме во исто време…
А екранот ќе може да служи не само за да го гледате соговорникот, но и за истражување на документи, разгледување на слики, читање пасуси од книги. Синхронизирани сателити ќе кружат во вселената, што ќе им помогне на луѓето да се поврзат со секоја точка на Земјата, вклучувајќи и со временските станици на Антарктикот. “
• “Телевизиски екрани, закачени на ѕидот, ќе ги заменат обичните; транспарентни коцки ќе емитуваат 3D форми. Всушност, една од најпопуларните работи на фестивалот по 50 години ќе бидат 3D телевизори во погоден размер за секојдневниот живот, кои ќе можат да се вртат и да се гледаат од сите агли. “
• „Посебни напори ќе се вложат во дизајнот на возилата со „роботски мозок“, на кои ќе можат да се поставуваат координати за одредена дестинација. Сметам дека една посебна атракција на саемот во 2014 година ќе бидат мали роботски автомобили, кои ќе можат да се самоуправуваат, дури и кога се меѓу други автомобили, избегнувајќи судир“.
• Во 2014 година, на планетата ќе има 6 и пол милијарди луѓе. Ако нема контрола над прирастот на населението, во 2450 година Земјата ќе се претвори во еден преполн Менхетен. Затоа сигурно ќе има пропаганда за контрола на наталитетот преку рационални и похумани методи, и до 2014 година тоа ќе даде сериозен ефект“.
• „Човештвото ќе страда од ужасна досада – болест која со секоја наредна година ќе се шири и влошува. Ова ќе има своите ментални, емоционални и социолошки последици, и се осмелувам да кажам дека психијатријата ќе биде најпрестижната медицинска специјалност во 2014 година“.