Фоторепортажа: Куклица

КуклицаКуклица е фасцинантен локалитет кој се наоѓа на 8 километри северозападно од Кратово, веднаш до истоименото село. Но, и покрај рекламите со кои се промовираше, стигнувањето дотаму не е толку едноставно колку што звучи.

Куклица е фасцинантен локалитет кој се наоѓа на 8 километри северозападно од Кратово, веднаш до истоименото село. Но, и покрај рекламите со кои се промовираше, стигнувањето дотаму не е толку едноставно колку што звучи.

Куклица

За да стигнете до Куклица во еден здив, треба да сте вонземјанин со летечка чинија, во спротивно ќе наидете на многу проблеми. Првиот проблем е фактот што патот до таму не е обележан со големи и видливи табли, иако тоа е место е најпознатото нешто во целиот крај. Единствената табла што стои на патот за Кратово на себе има стрелка која покажува кон реката, а не кон некој пат. Доколку одите со велосиед тоа можеби и нема да биде проблем, затоа што ќе можете да ги прашате апсолутно сите луѓе што ќе ги сретнете попатно, така лека-полека доаѓајќи до селото Куклица, каде што на една минијатурна табла се посочува споредниот пат до локалитетот. Доколку доаѓате од правец на Кратово, треба особено да внимавате на левата страна од патот, затоа што знакот се гледа само од спротивната страна.

Куклица

Откако ќе свртите по споредниот пат, во најголем дел ќе возите по пат кој е неодамна асфалтиран и е во одлична состојба. Исклучок од ова се последните 500-600 метри, каде што патот не само што не е асфалтиран, туку и од честите врнежи во овој период е доведен во ужасна состојба.

Куклица

Некаде на 2,5 км пред локалитетот ќе ве пречека едно непријатно изненадување. Според кажувањата на локалното население, мостот паднал по интензивните врнежи пред неколку месеци. За сега, никој не се потрудил да го санира. Па, тука ќе се соочите со избор. Доколку сте со автомобил ќе мора да го оставите пред мостот и да продолжите пеш, а ако сте со велосипед, ќе мора да се префрлите со него на рамо, чекорејќи по тесниот столб кој доаѓа блиску до мостот. Пречекорување на реката не се препорачува поради нивото на загаденоста.

Куклица

И така некако ќе се дотркалате до самиот локалитет. Откако ќе влезете низ отворената порта, таму нема да ве пречека апсолутно никој. Двете инфо табли на себе ги имаат истите информации кои се разбирливи на сите светски јазици.

Куклица

Доколку сакате да добиете повеќе информации за овие уникатни геолошки формации или пак да си купите сувенир, тоа не можете да го сторите во куќичката за таа намена, затоа што истата не работи. Локалитетот е сосема запуштен и нема ниту чувар, правејќи го подложен на вандализам. Веројатно само огромната оддалеченост и добрата сокриеност од  светот до сега го спасуваат од посериозни уништувања.

Куклица

Но, покрај сѐ, штом ќе се препуштите на амбиентот, не можете да не останете фасцинирани од локалитетот. Локалното население ги нарекува куклите „Веселба свадба“, а централните се нарекуваат „Невеста и младоженец“.

Куклица

Невестата е највисоката кукла која доминира со целата композиција.

Куклица

На малото ритче од десната страна има група кукли кои изгледаат како публика на спортски натрпевар или совет на мудреци.

Куклица

Една од осамените кукли од периферијата.
Куклица

Куклите скриени во околното зеленило.
Куклица

Невестата, од друг агол.
Куклица

Од другата страна на ридот има уште кукли. Истите се помали и нивното откопување не е довршено.
Куклица

Поглед од високо.
Куклица

Централните и најграндиозни камени кукли погледнати од највисоката набљудувачница на врвот од ридот.
Куклица

Ридот кој чека да биде дооткопан.
Куклица

Невестата, зетот и сите нивни свадбари кои ги набљудуваат од позадина.
Куклица

Нормално, знаците (кои наместо да стојат, лежат) звучат како наслови на лоши карате филмови.
Куклица

Па, ако некогаш имате време, појдете во Куклица. Чувството кога ќе погледнете сѐ со своите очи е едноставно неспоредливо. Нормално, дадете си малку повеќе време да го пронајдете местото.
- Реклама -