Ричард Фејнман: Како да препознаеш наука од псевдонаука

Richard-Feynman-KF012575-Corbis-1725x810_26895[1]

Во време на поплава од портали и вести што се сервираат преку социјални мрежи, тешко е да се одреди зад кој од навидум легитимните наслови се крие вистинска наука, а зад кој нешто што повеќе ќе му дојде како псевдонаучна глупост.

Да биде уште посложено, псевдо-научниците наголемо користат стручни научни изрази за да ја придобијат наклонетоста на публиката, а колку и да е моќно критичкото размислување и скептичкиот поглед, истражувачите подтврдуваат дека е лесно да се падне на некое псевдо-научно сра*е. На пример, цитати од Дипак Чопра (американско-индиски автор, пропонент на алтернативна медицина и значајна фигура во Њу Ејџ движењето) кои звучат паметно, ама кога ќе ги разглобиш всушност не значат баш ништо: „Добросостојбата бара самоистражување. Да ја исполниш мисијата значи да станеш едно со неа“…

Тешко или не, важно е да се разликуваат фактите од фикциите, а подеднакво важно беше и во 1966 година, кога реномираниот теоретски физичар Ричард Фејнман „смисли“ мошне едноставна техника, која денес е порелевантна од било кога.

Во суштина, сé што треба да направиш кога некој сака да звучи паметно е да пробаш истото да го преведеш на обичен мајчин јазик, или уште подобро – да побараш од другиот да ти го објасни истото на прост македонски, без научни жаргони и термини, за да видиш дали уште ќе има смисла.

Пред 50 години, Фејнман го даде примерот со тоа како се предава наука во училиштата. Со говорот пред Американската асоцијација на учители по наука, во 1996, тој се обиде пред идните професори да ја истакне разликата помеѓу тоа на нешто да му се знае името и дефиницијата, или навистина да се знае и да се разбира нештото.

Тој раскажа за еден учебник по физика, кој почнувал со тоа што на првата илустрација имало слика од куче на навивање, вистинско куче и мотоцикл. Прашањето околу илустрацијата било: Што е тоа што го движи (нештото на сликата)?

Тоа звучи како добар и интересен начин да се започне дискусија за основите на физиката, но наместо тоа, учебникот дал краток одговор од типот: „Енергијата е таа што го придвижува“, за секоја од сликите.

„Е сега, енергијата е сложен концепт“, ќе рече Фејнман. „Таа е многу, многу тешка да се разбере. Сакам да кажам дека не е доволно лесно доволно да се разбере енергијата за да можеш да ја користиш правилно кога дедуцираш нешто – концептот е пресложен за прво оделение. Би било подеднакво точно да се каже и дека ‘Господ ги движи’, ‘Дух ги движи’ или ‘Подвижноста прави да се движат’. Всушност, сосема легитимно би било и да се рече дека ‘Енергијата ги запира’“.

Наместо тоа, Фејнман предлага учителите да го одговорат прашањето на начин што и обичен човек, без научно познавање, би го разбрал, наместо да се сведува дефиницијата на комплексен термин. На пример, да се објасни дека кучето на навивање се движи затоа што внатре има навиткана прижина која се обидува да се одвитка и така го бутка предметот наоколу.

Тогаш го понудил и најдобриот совет во историјата на научната комуникација – совет што всушност сите го знаеме, ама скоро и да не го практикуваме:

„Конечно сфатив како да се тестира дали си научил некоја идеја или само си ја научил дефиницијата. Тестирај го тоа вака: Речи: ‘Без да го користиш новиот збор што само што го научи, пробај да го кажеш истото со свој јазик. Без да го користиш зборот ‘енергија’, кажи ми што знаеш за движењето на кучето’. Не можеш. Значи не си научил ништо за науката“.

Се разбира, истиот метод е супер и за во рандом секојдневни муабети, кога некој сака да звучи паметно, а треба да се истестираат неговите ставови и идеи:

„Ако некој не може да објасни нешто на прост англиски (читај: македонски), тогаш мора да се запрашаме дали тој навистина го разбира тоа нешто што го проповеда. Ако некој ѝ се обраќа стручно на нестручна публика, користејќи стручни зборови извадени од контекст, тогаш првото прашање треба да ни биде: Зошто?“. Со зборовите на Фејнман, „можно е да се следи формата и да се нарече наука, ама тоа е псевдонаука“.

Едноставен концепт што сите го знаеме, но во реалниот свет и те како моќно оружје за филтрирање на сра*ето.

А патем, не дека Фејнман не го следел својот совет до чекор. Во ова интервју 20 години подоцна, тој одбива да му објасни на новинарот на БиБиСи како работат магнетите, зашто „е невозможно за него да го опише концептот со термини кои на прашувачот би му биле познати“. Ете, човек посветен на живот без празни мудрувања.

- Реклама -