Касапење на ајкули – сива индустрија вредна над 500 милиони долари

shark-finning-knife-hands-768x407[1]

Озлогласената пракса наречена „шарк фининг“ (од shark – ајкула и fin – перка) подразбира отсекување и отстранување на перките на ајкулата, додека остатокот од живата риба се фрла назад во океанот. Вака осакатените ајкули вратени во водата речиси без исклучок умираат: искрваруваат до смрт, не можат да пливаат и тонат на дното каде што умираат од задушување или се изедени од други морски предатори. Перката од ајкула е најпрофитабилната морска храна, не само затоа што има голема побарувачка и е скапа, туку и затоа што рибарите можат да пренесат многу повеќе перки отколку кога би ги товареле бродовите со цели ајкули.

Шарк-финингот особено процвета во 1997 година, по зголемената побарувачка за перки за супа и традиционални лекови, особено во Кина и кинеските територии. Од друга страна, придонесе и подобрената технологија за риболов, како и пазарната економија.

Неодамна излезе видео снимка од ајкули-чекан подредени за продажба на кинескиот рибен пазар, видео кое стигна до насловните страници и одново ја разгори дискусијата за опасноста од осакатување на ајкулите. Скандалозоното е тоа што ајкулите-чекан се глобално загрозен вид, а консумерските вкусови максимално придонесоа за заканувачки големо намалување на популациите на ајкули низ годините.

Во Коралниот Триаголник во Индискиот и Тихиот океан се собираат преку 100.000 тони перки од ајкули – годишно. Како што рековме, по отсекувањето на перките, ајкулите најчесто се фрлаат живи назад во океанот. Заради таквата пракса, шарк финингот е строго регулиран, па дури и забранет во Европската Унија, САД и Австралија.

Сепак, на пазарот во Санја, Хаинан, сведоците велат дека имало околу 100 ајкули наредени на подот, кои биле продавани по цена од 2 долара по кило. Подоцна истиот ден, локалниот оддел за риболов ги конфискуваше ајкулите.

Ваквите настани сé уште се случуваат, но се прават напори за зачувување на популациите на ајкули, кои по сé изгледа, се успешни. На пример, постојат таканаречени „No-Take зони“ (NTZ), каде што е забрането да се ловат овие и други корални риби. Според Frontiers in Marine Science, популацијата на ајкули во овие зони е 28 пати поголема отколку во областите кои се отворени за риболов.

Сепак, со оглед на профитабилноста на перките од ајкула, NTZ зоните не се доволни за да ги спречат рибарите да продолжат со ловот на перки. Експертот за жив морски свет – Ванеса Џајте, која неодамна објави студија околу ризично намалената популација на ајкули како резултат на претерано ловење, за Phys.org ќе рече: „Рибарите што ги интервјуиравме се свесни дека ајкулите се важни за морските екосистеми и туризмот, но изразуваат сомневање околу исплатливоста на тоа да работат некаква друга работа, со оглед на географската одалеченост, сиромаштијата и долговите што ги имаат кон сопствениците на рибарските бродови и трговците“.

Очигледно, никој од овие трговци лично не успева да се обогати, но видена однадвор, индустријата со перки од ајкула генерира најмалку 500 милиони долари профит годишно, според Humane Society International. Интернационалната унија за заштита на ајкулите, пак, вели дека шарк финингот, заедно со растечката и во голема мера нерегулирана трговија со перки, се една од најголемите закани за исчезнување на ајкулите на глобално ниво. Нивните бројки се уште полоши – се смета дека трговијата со перки генерира од 540 милиони до 1.2 милијарди долари годишно. Перките се меѓу најскапите морски продукти и се продаваат по цена и од 400 долари по кило. Во САД, каде што оваа пракса е забранета, некои купувачи ги сметаат одредени видови ајкули за трофеи, па плаќаат и по 10.000 до 20.000 долари за перка од таква ајкула.

- Реклама -