MyMarketing е македонска маркетинг агенција – и тоа добра, од што ќе се уверите во продолжение. Вчера, првоаприлски, баткиве одржаа лекција за тоа како се прави иновативна герила кампања, искористувајќи го потенцијалот на Денот на шегата до максимум. Овој пат тоа беше по нарачка на сервисниот центар на Кадис, кој сакаше да ја промовира својата реално добра понуда за основен сервис.
Што ќе рече стенд-ап комичарот Мич Хедберг, „кога некој ќе ми даде флаер, исто ми е како да ми рекол: На, ти фрли го ова“. Затоа MyMarketing имаше боље идеја – фиктивни паркинг казни. Си пишува и дека е шега, и дека 1-ви април и дека сметката не е фискална и сé комплет, ама ај обвини ги луѓево што добија мини срцеви удари кога е толку реалистично направена:
Според реакциите на социјалните мрежи, кампањава го крена пола град на нозе. „Дур сфатив дека е реклама им изнаредив сé до трето колено“, вели еден момак во реакциите (во позитивен контекст, нормално).
Пофалби од сите страни, а „казнетите“ ја оценија кампањата како една од најдобрите што ги виделе во последно време. Додуша имаше и такви што се бунеа по телефонските линии на институциите, ама овие се тие што од првичниот шок не успејаа да дочитаат дека се работи за шега.
Мисијата – комплетна. Ем никој не го фрли „флаерот“ – затоа што не беше обичен флаер, ем првоаприлското расположение стигна до повеќе насмевки.
MyMarketing планираат да конкурираат и на конкурсот за најдобра маркетинг кампања во Кан, а вака по наш вкус, официјална селекција не им бега. Браво!