Дали бебињата се „табула раса“?

shutterstock_63727501[1]

Се работи за едно од најголемите прашања поставено пред човештвото – се раѓаме ли свесни за разликата помеѓу доброто и злото, или ја учиме од родителите и општеството?

Филозофите и психолозите со векови проповедаат дека децата се раѓаат „табула раса“ (чисти листови) и дека улогата на родителите и општеството е да ги испишат празните листови животни вештини, но и со морални вредности. Сепак, сé повеќе научници размислуваат поинаку од ваквата „догма“. Според некои, бебињата всушност се раѓаат со целосно изграден морал, а воспитувачите можат да го надоградат и усовршат бебешкиот систем на верувања и убедувања, но не го создаваат. Научничкиот тим од универзитетот Јеил направи нови експерименти, кои се чини го потврдуваат тоа.

Д-р Карен Вин и нејзиниот тим ги истражуваат умовите и однесувањето на бебињата веќе деценија. Пред осум години тие почнуваат со серија од студии на деца под 24-месечна возраст, со цел да разберат колку тие ја препознаваат разликата помеѓу добро и лошо однесување.

Првиот тест во експериментите им е наједноставниот. На бебето му покажуваат пример за добро и пример за лошо однесување и го оставаат да одлучи кое му се допаѓа.

Истражувачите приредуваат куклен театар, во кој сива мачка се обидува да отвори голема пластична кутија. Таа се обидува ли обидува, но едноставно не може да го крене капакот до крај. Тогаш доаѓа зелено зајаче и ѝ помага. Во второто сценарио сé се повторува, но овој пат зајачето е портокалово и го треска капакот и побегнува. Се разбира, зеленото зајаче е доброто, а портокаловото – лошото.

Следниот чекор е на бебето да му се прикажат двете зајчиња од претставата. Еден од членовите на истражувачкиот тим, кој не знае кое било лошото зајаче и кое – доброто, истовремено му ги подава и двете на детето. Мајката, која исто така присуствува со цел бебето да биде смирено, седи со затворени очи за да не влијае на било кој начин врз изборот на бебето. Дополнително, боите на зајчињата често се менуваат, за да се елиминира можноста дека бебињата едноставно избирале врз основа на омилената боја.

Кое зајаче го избираат бебињата? Над 80% од малите покажуваат недвосмислена наклонетост кон доброто зајаче – дали преку тоа што посегнуваат кон него, или преку тоа што го гледаат внимателно. Кај тримесечните бебиња, процентот се зголемува до 87%.

Што ни кажува тоа? Уште пред да можат да одат или зборуваат, малите одлично го проценуваат доброто или лошото туѓо однесување (кога не им влијае директно). Според психологот Пол Блум од Јеил, тоа е јасен знак дека тие се раѓаат со изградено чувство за правда.

Сепак, вродениот морал не е совршен. Блум пишува: „Ние сме по природа рамнодушни, дури непријателски настроени кон непознатите; наклонети сме кон ограниченост и предрасуди. Некои од нашите инстинктивни емоционални реакции имаат моќ да нé доведат, како луѓе, во ситуација да правиме ужасни нешта, вклучувајќи и геноцид“. Затоа, улогата на родителите и воспитувачите е да се надминат овие ограничувања и да се надградат моралните начела кои, според експериментов, веќе постојат во мозоците на бебињата.

- Реклама -