И покрај бројноста на истражувањата околу тероризмот, постои јаз помеѓу генералната слика за причината што ги води терористите кон тоа да убиваат и тоа што многу од експертите го сметаат за вистина.
На терористичките групи како ИСИС и Ал Каеда пред сé се гледа од појдовна точка дека нивните акти се мотивирани од нивната радикална теологија. Но, според Роберт Пејп, политички научник на универзитетот во Чикаго и основач на Чикашкиот проект за безбедност и тероризам, ваквиот поглед е многу површен. Пејп си го познава полето – тој и неговите колеги го имаат проучено секој самоубиствен напад во светот, од 1980 година, па наваму. Вкупно, тоа се 4600 напади.
Според него, религиозната радикалност не е самиот мотив. Наместо тоа, таа служи како алатка за регрутирање и моќно оружје да се натераат луѓето да го надминат својот страв од смртта и природната аверзија кон убивањето на невини лица.
„Многу често, самоубиствените напаѓачи сфаќаат дека имаат инстинкт за самопрезервација кој мораат да го надминат, а религиозните верувања често се дел од тој процес“, вели Пејп. Но, додава тој, „има и стотици секуларни самоубијци“, што пак сугерира дека самата радикална теологија не ги објаснува терористичките напади. Од 1980 па до 2003 година, „светски лидер“ во самоубиствени напади беа Тамил Тајгерс – секуларна марксистичка група на Хинду националисти во Шри Ланка.
Според истражувањето на Пејп, во основата се крие нешто друго:
„Она што 95% од самоубиствените терористички напади го имаат заедничко, од 1980-та, не е религијата, туку специфична стратешка мотивација да се одговори на воена интервенција, често конкретна воена окупација, на територија која терористите ја сметаат како своја татковина или високо ја ценат. Од Либан и Вест Банк во 80-тите и 90-тите, преку Ирак и Авганистан, па до нападите во Париз, воената интервенција е таа што го предизвикува самоубиствениот тероризам повеќе од сé друго“.
ИСИС никна од отпорот против американската окупација на Ирак, исто како што Ал Каеда влече корени од авганистанскиот отпор кон советската окупација во 1980-тите.
Според гледиштето на Пејп, најголемиот дел од она што важи за општоприфатена вистина за тоа што терористите сакаат да постигнат – е погрешно, а тој јаз ја отежнува ефективноста на начините што западот ги бира како одговор на тероризмот.