Осудив човек на смртна казна, мислам дека згрешив!

jury2

Свен Бергер во 2008 година добил повик да се јави на поротничка должност. Првиот негов случај во улога на поротник беше во врска со Пол Стори, млад црнец на кој му се судеше за убиството на Џонас Чери, службеник во синџирот терени за мини голф во Херст, во државата Тексас, во близина на Форт Ворт. Во неговата вина не се сомневаше многу, но на Стори му се закануваше смртна казна, па Бергер , заедно со 11 други поротници мораше да одлучи дали треба да му се одземе животот за потенцијалното сторено кривично дело.

Тие едногласно одлучија дека треба, а Стори моментално чека на извршување на смртната казна. Две години по судењето, адвокатот задолжен за жалби по пресудата ги контактирал поротниците и така заклучил дека Бергер веќе не е сигурен дека донел вистинска одлука.

Адвокатот му  го покажа на Бергер  новиот извештај од психологот, во кој детално се опишува „граничната интелектуална функционалност“ на Стори, историјатот на депресијата и другите „олеснителни околности“ кои не беа поднесени од страна на адвокатите на Стори во текот на судењето. Бергер во својата заверена писмена изјава потврди дека „не би гласал за смртната казна“ доколку му биле презентирани овие докази.

Денес Бергер живее како софтверски инженер во Олимпија, во државата Вашингтон – „Во текот на постапката за избор на судии поротници, кога бев испрашуван од страна на адвокатите на двете страни, во судницата го видов Пол Стори. Беше слаб, облечен во костум кој очигледно не му прилегаше, вратоврската му беше лошо заврзана и впечатливо предолга. Тој изгледаше пријателски, но го сокриваше погледот.

Мислам дека пред судењето немав средби со другите поротници, а јас бев помлад од сите нив, можеби и десет години. Изведувањето на доказите траеше многу долго и ,всушност, едно време дури беше здодевно.

Кога Стори беше прогласен за виновен, случајот против него се чинеше несоборлив (тој самиот дури неколку пати го призна злосторството), правниците за време од два или три дена се изјаснуваа „за“ или „против“ смртната казната. Во еден момент одбраната презентираше докази дека Стори пристојно се однесувал во затворот и дека се пријавил за часови по веронаука. Моето мислење во врска со тие информации беше поделено: избегнување на конфликти е секогаш добра работа, а во приказната околу наоѓање на верата, се посомневав во вистинските намери. Јас замислував стереотипен затвореник кој се преправа дека одеднаш го пронајде Господ додека е зад решетки само за да ги зголеми шансите за условна слобода или некоја друга привилегија. Сите ние сме гледале еден куп криминални серии или филмови во кои „рехабилитираните“ криминалци излегуваат од затвор само за да им нанесат уште зло на луѓето.

За да осудите некого на смрт во Тексас, поротата мора да утврди дека именуваниот е способен да го повтори злосторството во иднина. Врз основа на тоа што го видов, јас не верував во тоа, едноставно не добив впечаток дека човекот е опасен. Но, останатите поротници како едвај да чекаа да се изрече смртната казна, освен една жена, за која не бев сосема сигурен.

Тоа беше многу стресна ситуација поради што сега имам проблем да се сетам на сите детали. Знам дека не одлучувавме долго, можеби еден час, или два. Во просторијата беше прилично тивко, се чинеше како сите  веќе да беа решени како ќе гласаат. Сите други поротници сметаа дека тој треба да биде осуден на смрт.

Ако имаше нешто што можев да направам, бев во можност да ја поделам поротата, но не смогнав сили да го направам тоа. Имав 28 години и тогаш не се чувствував сигурен да прозборам и да застанам зад својот став. Кога побараа да ја донесеме пресудата, го почувствував ударот на адреналинот и нивото на стресот се зголеми. Знам дека во такви ситуации не се размислува јасно и рационално.

Кога ја донесовме одлуката, дојде и најемотивниот момент. Онаа поротничка за која мислев дека можеби има разбирање за обвинетиот почна да плаче. И го позајмив шамичето.

Оваа одлука зборува за тоа каков човек сте, многумина не сакаат да се соочат со фактот дека вие сте тој што некого праќа во смрт.

Откако ја донесовме смртната казна, ни беше кажано дека можеме да избереме дали ќе излеземе на главниот влез каде беа новинарите или ќе излеземе на задната врата. Сите го одбраа второво.

Се чувствувам виновен поради тоа што се случи. И тажно. И малку беспомошно. Разговарав со моите родители и со сопругата за тоа колку ова ме мачи. Веќе почнав отворено да зборувам дека не сум донел права одлука. Еден мој пријател, полицаец, се обиде да ме утеши велејќи ми дека на оваа пресуда ќе се вложи жалба и дека случајот ќе потрае.

Мајката на Стори отвори страница на фејсбук. Размислував за тоа го побарам за пријател, а потоа си помислив како ќе изгледа кога некој ќе тргне да гледа кои му се пријателите и ќе го пронајде моето име. Ја посетував неговата страна можеби еднаш месечно, наидував на неговите фотографии од затвор, ме интересираше како му е и дали можеби добил помилување. Иако во Тексас тоа не се случува често.

Сакав дури и да воспоставам контакт со Стори, но тоа никако не делуваше како добра одлука. Што би му рекол? Што би ми рекол тој? Не сум баш сигурен дека би сакал да разговарам со човекот кој учествувал во донесувањето на одлуката да бидам погубен.

Вајс

- Реклама -