Професор Балтазар и аманетот што не го исполнивме

baltazar[1]

Анимираната серија „Професор Балтазар“ е најуспешниот проект на Загрепската школа за анимиран филм. Ликот на професорот го нацрта хрватскиот аниматор Златко Гргич, кој во 1979 беше и номиниран за Оскар во категоријата „Најдобар анимиран филм“. Музиката пак, која веќе си ја пеете во главата додека читате, е на Томица Симович.

Ама Балтазар не е само анимиран цртан филм, туку е културен феномен од уште поголеми размери отколку што можете да замислите, феномен активен повеќе од 45 години. Како што поминуваше времето, цртаниот лик стана бренд со морална и општествена одговорност.

Балтазар е научник во облик на добродушно белобрадо чиче, кое секогаш ги решава проблемите на своите сограѓани, навидум со помош на „магичната“ машина. Но, всушност, она што професорот навистина го прави е што ги надминува пречките со помош на својата имагинација и изобилството од позитивна енергија. Балтазар е научник, но и љубител на природата, ги сака сите живи суштества, ги брани сите што се во неволја, се бори со злото, еколог е, промовира толеранција, мир и љубов, смешен е, ненаметлив и пријателски настроен, и пред сé – посветен на добрите дела.

Неговата блага и добра природа испраќа порака до светот, кој се чини дека е секогаш премногу драматичен – како да сака да каже: „Еве види, ова е еден од начините на кои овој проблем може да се реши!“. А неговите решенија се секогаш толку инвентивни и инспиративни, и секогаш во најдобар интерес на сите добри жители на Балтазарград.

baltazartownИ токму затоа толку го сакавме. Кога како деца ќе ја чуевме најавната шпица, трчавме како хипнотизирани кон црно-белите (подоцна и колор) ТВ приемници, со живи радости дека ќе гледаме уште една епизода од омилениот серијал. Така беше тогаш, уште по првата премиера кон крајот на 60-тите, а така би било и денес, и сега, кога би ги чуле првите тонови од музиката од правец на телевизорот. A не бевме само ние на Балканот. Балтазар беше светски феномен, популарен уште во 30-тина други земји. Го гледаа и во Португалија, во Иран, во Холандија, Данска, Индонезија…

Приказната беше совршена: необична, чудесна и пред сé – досетлива. Нé носеше во свет во кој сé беше можно. Затоа го гледаа и возрасните. Тие го сакаа од две перспективи: од аспект на детето кое никогаш не умира во нас, но и од друг, метафоричен аспект. А такви карактери, како Балтазар – кои имаат моќ да соединат толку различни генерации и да ги сместат родителите и децата во еден заеднички круг – нема да најдете премногу, дури ни во целата современа уметност, ниту во визуелната, ниту во пишаната.

Балтазар е суштински различен од сите модерни популарни цртани и анимирани филмови. Универзалната порака на решавање на проблемите по ненасилен пат и пат без измама е во директна спротивност со она што денес е вообичаено на филмското платно и тв екраните. Неговата порака е дека реалната моќ доаѓа од знаењето, а не од силата, а дека среќата на сите доаѓа од усреќувањето на другите. Ако некој граѓанин е загрижен – му помагаш! Ако има несогласувања – се надминуваат со разговор!

Повторно, сé во Балтазар е во толку горка спротивност со денешното време на насилство, лаги и измами, во кое најголемата неправда е што во него растат деца! Балтазар стои како огледало кон сé она што модерниот свет не е, а можеби можеше да биде ако почесто и во поголем број гледавме Балтазар.

- Реклама -