Ла Мадрина: Мајката на кокаинот

wlxfbykdxaj5lp3eesrn[1]

Кога ќе помислиме на колумбиските нарко-картели, ретко помислуваме на жени меѓу нивните членови, а уште поретко на жена што стои на чело и самата раководи со таков картел. Дозволете да ви ја претставиме Гризелда Бланко, нарко бос, позната и како „Ла Мадрина“, „Црната вдовица“ и „Кумата на кокаинот“.

Родена е во Картагена, Колумбија, на 15 февруари 1954 година. Нејзината мајка, Ана Лусија Рестрепо, го преселила семејството од Картагена во Меделин (Колумбија) кога Бланко имала 3 години. Ана пиела и ги тепала децата, а сиромаштијата ја натерала Бланко да заплива во криминалните води уште од многу рана возраст. Уште полошо, како што тврди еден од поранешните љубовници на Гризелда, на 11-годишна возраст таа киднапирала мало дете од богатата населба што се граничела со гетото во кое живеела таа и се обидела да изнуди откуп. Случајот завршил трагично – Бланко го застрелала детето.

Кога била одвај тинејџер, таа веќе крадела за пари, напаѓајќи минувачи, продавници и слично – ситен криминал. Во тој период била силувана од дечкото на мајка и, па избегала од дома, по што морала да краде уште неколку години за да може да преживее.

До моментот кога имала 20 години, таа веќе го сретнала својот прв сопруг, Карлос Трухиљо. Во текот на неколкуте години со него, родила три сина: Освалдо, Диксон и Убер.

До раните 1970-ти, Бланко веќе наголемо била вмешана во озлогласениот нарко-картел Меделин. Им помагала да шверцуваат кокаин во САД, особено во Мајами, Њујорк и Јужна Калифорнија. Наводно, токму Бланко е таа што измислила „специјална долна облека“ што членовите на картелот ја носеле за да ја скријат дрогата.

До средината на 70-тите станува озлогласен криумчар на дрога и решава да се пресели во Њујорк, со својот втор сопруг, Алберто Браво. Таму ќе воспостават влијателен нарко ланец. Набрзо ќе остане трудна и ќе го роди четвртиот син – Мајкл, од љубовникот Дарио Сепулведа.

Во 1975-тата, полицијата пресретна огромна пратка на кокаин: 150 килограми – во тоа време најголемата запленета количина во историјата. Бланко и нејзините 30 партнери добија федерални обвиненија, па таа избега во Колумбија непосредно пред судењето. Ќе се врати некаде кон крајот на 1970-тите, во Мајами.

Нејзиното враќање во Мајами е почетокот на војната помеѓу кокаинските криумчарски организации и ќе предизвика серија од убиства на важни челници на картелите што оперираа во Мајами во раните 1980-ти. Беззаконието и насилството предизвикано од гангстерите на Бланко ќе им го заслужи името „Cocaine Cowboys“, а нивниот насилен стил на водење бизнис ќе биде наречен „Нарко војната на Мајами“.

Во текот на раните 1980-ти, бизнисот на Бланко се шири низ САД, наводно носејќи профити и од 80 милиони долари – месечно! Очекувано, доминацијата на пазарот и насилството со кое беше наметната, и создаде многу непријатели на Ла Мадрина, па Бланко постојано се соочуваше со обиди да ја убијат. На крајот, ситуацијата стана преопасна, па таа се пресели во Калифорнија.

Во тоа време, по расправијата за тоа кому да му припадне старателството врз детето, Дарио Сепулведа го киднапираше нивниот син Мајкл. Бланко плати да го убијат, а синот и беше вратен назад во САД.

На 20 февруари 1985, среќата (уште еднаш) и го сврте грбот на „кокаинската мајка“. Беше уапсена од американската агенција за борба против дрогата – DEA. Беше притворена без можност за кауција, а откако ја вратија во Њујорк заради судењето, таа беше осудена на 15 години затвор. Не дека металните решетки ја спречија на поле на бизнисот; Бланко продолжи да раководи со нарко-картелот и од затворската ќелија.

Во 1994-тата, Бланко беше преместена назад во Мајами, каде што ја чекаа неколку обвиненија за убиства. Еден од нејзините „подофицери“ беше под силен притисок на државниот обвинител на Мајами, па обвинителството успеа да ја поврзе со три убиства. За нивна несреќа, случајот пропадна заради техникалии: човекот што беше клучен сведок – озлогласениот платен убиец Хорхе Ајала – се вмеша во романтична врска со секретарката во канцеларијата на јавното обивинителство на Флорида, што ги примора тужителите да го стават под знак прашање неговиот кредибилитет. Многумина шпекулираат дека Ајала намерно го саботирал случајот, бидејќи се плашел за својот живот. На крајот, во 2004-та, по отслужените 10 затворски години, Бланко беше ослободена и депортирана назад во Колумбија.

Се криеше речиси 8 години, по што почнаа осветите. Беше убиена на 2 септември 2014-та, додека излегуваше од една месара во Меделин. Убиецот, од мотор во движење, ја застрела два пати во главата. Се разбира, не беше фатен. Нејзините три сина исто така беа убиени откако беа депортирани во Колумбија, по отслужување на нивните сопствени затворски казни – сите беа вмешани во кокаинскиот бизнис. Нејзиниот најмлад син порасна со неговата баба, Ана Лусија. Од 2012-та, тој е држен во домашен притвор, откако беше уапсен за шверц на кокаин.

Се смета дека Бланко е одговорна за најмалку 200 убиства за време на нејзиното владеење како нарко-бос. Таа е една од централните теми на познатиот документарец од 2006-тата – „Cocaine Cowboys“ и во продолжението од 2008 – „Cocaine Cowboys 2: Hustlin’ With the Godmother“. Во меѓувреме, многу ликови од филмови и серии се инспирирани од нејзината безмислосна природа, ја опејуваат во (рап) песни, а во моментов се подготвува и филм базиран врз нејзиниот живот, во кој главната улога ќе ја глуми Кетрин Зета Џонс. За еден куп луѓе, Бланко засекогаш ќе остане „Мајката на кокаинот“.

- Реклама -