Вечерно „џускање“ за петтиот роденден на Радио МОФ

Radio MOF rodenden
Пред пет години поведени од фактот дека е ограничен просторот во кој младите можат да се изразат, креиравме медиум кој е отворена станица за промоција на младинската, културната и креативната заедница.
Токму затоа, Радио МОФ по повод 5 години од своето основање во петок, 26 февруари 2016, организира журка во Кино Култура, ул. „Луј Пастер“ б.б со почеток од 21 часот.
На забавата ќе настапат: Гето Руди од радио емисијата Регенерација, Pineapple Express (Петар Антевски и Ивана Низам), групата Џун, Сергеј Пулиос – Puk’kah (D2) и D.Lite – Дијана Димитриевска од емисијата Тhe Rituals Show и Жарко Настоски-B!Zarre.
Влезот е слободен за сите, забавата ќе трае до 01:00.
Радио МОФ е онлајн радио на кое музичари, активисти и мотивирани млади луѓе водат музички и програмски емисии за музиката и општествените прашања кои им се важни, а веб медиумот дневно објавува содржини во чиј фокус се младите, образованието, граѓанското општество, технологијата и културата. Содржини на медиумот се достапни на www.radiomof.mk.
Годините зад нас беа одлично искуство, исполнето со многу подеми и падови. Започнавме доста наивно, сметајќи дека водењето младински медиум е доста лесна работа. Учевме од нашите грешки и ниту една препрека не нѐ спречи во намерата да создадеме слободна младинска станица. Ни требаше време за да сфатиме дека кул музика не е единствената состојка во формулата за добивање на довербата кај младите. Низ годините научивме да правиме директен видео пренос од бројни настани, отстапивме простор за повеќе од 60 емисии водени од над 150 волонтери, направивме супер конференции каде што се славеше слободната мисла, создадовме тим со посветени новинари, го споделивме нашето знаење со младите од цела Македонија.
Денес гордо може да кажеме дека Радио МОФ е еден од највлијателните младински медиуми. Во текото на петте години од нашето основање имавме бројни активности, но силно веруваме дека најдоброто допрва доаѓа.
Ви благодариме на поддршката,
Радио МОФ

- Реклама -