Немилосрдниот колумбиски затвор во кој затворениците се тие со оружје, а не чуварите

La-Modelo-prison[1]

Во паралелен универзум, чуварите во затворот Ла Модело во Богота се оние со оружје и гранати, а затворениците се тие послушните. Не, нема грешка во смислата на реченицата; има во затворот.

Колумбискиот затвор е прочуен по „слободниот живот“ што го уживаат околу 11.000 затвореници. Тие – затворениците, се оние со слободен пристап до оружје и гранати. За разлика од нив, стражарите не се дрзнуваат да внесат такви ризици во рамките на она што треба да биде поправна установа.

Затворениците често избираат насилство како начин да си ги средат, пред сé, политичките разлики. Левичарските бунтовници од северното крило на затворот – од една, и десничарските поддржувачи на владата, од јужното крило на затворот, од друга страна. Ривалството помеѓу двете групи има изродено неколку убиства, сите извршени во централниот дел, помеѓу двете крила. Затворените членови на герилското движење FARC дури и спроведуваат воени вежби во својот дел во северното крило. Муницијата се шверцува како алва, да се живи и здрави корумпираните официјални лица од управата на затворот. Еден пиштол чини околу 1000 долари.

Покрај пиштолите, затворениците слободно разговараат и на мобилни телефони, и имаат непречен пристап до сателитските комуникации, што им овозможува да договараат криминали и во надворешниот свет: дилање на дрога, киднапирања, изнудување… Во рамките на затворот дури си имаат и свои ресторани, од кои еден е „спонзориран“ токму од FARC и во него се служи бесплатна храна за левичарски настроените бунтовници. Другите ресторани се водени од индивидуални затвореници, кои за своите бизниси прописно плаќаат месечен данок… на бандите. Сепак, најголемата привилегија е „ciambazo“ т.е. „големата размена“ – затвореник може да го смени местото со посетител од надвор, за само 2.000-2.500 долари. И самите чувари признаваат дека затворениците се тие што го контролираат затворот. „Ние сме само инструменти што ги набљудуваме ѕидовите и ги контролираме бариерите“.

Низ годините, се случија неколку сериозни акти на насилство во Ла Модело. Во април 2000-тата, 25 затвореници беа убиени за време на тепачка. Инцидентот предизвика огромно медиумско внимание, што владата на Колумбија направи напор да го смени поредокот во затворот и да го засили обезбедувањето. Ефектот – никаков: 100 затвореници избегаа само една година подоцна, откако членовите на FARC разнесоа дупка во ѕидот. Организацијата отворено презеде одговорност, а командирот Жорже Брицено храбро се закани дека и во иднина ќе продолжи со такви акции за ослободување на нивните „затворени другари“.

La-Modelo-prison2[1]

Тој настан го примора директорот на Колумбискиот национален казнено-поправен институт да поднесе оставка, а беа отпуштени и неколку стотици други вработени, под обвинение за корупција. Беше прогласена 3-месечна вонредна состојба, а обезбедувањето беше дополнително засилено. Сите продавници и ресторани во затворот беа затворени, а многу од затворениците беа префрлени во други затвори. Во моментов колумбиската влада гради модерен затвор, во кој планира да ги смести овие високоризични затвореници. Целиот проект е финансиран од владата на САД.

И покрај сите мерки, властите не успејаа да го запрат шверцувањето на оружје. Порано годинава, официјалните лица открија мошне шокантно нешто – затворениците од Ла Модело се ослободувале од своите жртви фрлајќи ги во дренажниот систем. Во одводните цевки беа најдени најмалку 100 осакатени затвореници и посетители.

Колумбија ќе остане заглавена во истата ситуација сé додека и понатаму троши најголем дел од буџетот на чување на најопасните криминалци, во затвори со максимум обезбедување. Конечно решение за проблемите со Ла Модело – нема на повидок.

- Реклама -