Малите луѓе кои изумреле на индонезискиот остров Флорес пред некои 15.000 години, не се хомо сапиенс, туку сосема различна врста, барем според една студија што предизвика остра антрополошка дебата. Фосилите од Хомо флоресиенсис, наречени „хобити“ заради нивниот мал раст, се откриени во 2003-тата, на истиот тој остров.
Споменатата студија, базирана на анализа на коските од черепите, покажува дека овие чудни луѓе не биле Хомо сапиенс. Досега, академските студии посочуваа во различни правци, а научните расправии знаеја да прераснат дури и во кавга.
Едната мисловна струја влече кон тоа дека т.н. Флорес-човек е потомок на поголемиот Хомо еректус и станал помал преку стотици генерации. Се смета дека тоа се случило преку т.н. процес „инсуларен дварфизам“. На пример, животните, по миграцијата преку копнени мостови во времиња на ниско ниво на морето, остануваат заробени на островите кога окените повторно ќе пораснат, па нивната големина се намалува правопропорционално со намалувањето на залихата на храна. Возрасен „хобит“ бил висок еден метар и тежел околу 25 килограми. Аргументот што оди во прилог на оваа теорија е тоа што островот бил дом на уште една минијатурна раса што исчезнала – стегодон, животно кое многу наликувало на слон.
Но, другите истражувачи тврдат дека Хомо флоренсис всушност бил модерен човек, чии мала големина и мал мозок (колку грејпфрут) биле предизвикани од генетичко пореметување. Едниот „осомничен“ е џуџестиот кретенизам, некогаш предизвикан од недостаток на јод. Друг потенцијален фактор била микроцефалијата, која го намалува не само мозокот, туку и неговата коскена обвивка.
Во нов пристап, објавен во Журналот за човечка еволуција, пар научници од Франција употребија врвни технолошки алатки за да ги реиспитаат слоевите од черепот на „хобитот“. Поточно, тие ги анализирали останките од Liang Bua 1 (LB1), чиј череп е најзачуван од сите 9 други познати видови.
Мистеријата продолжува
„Досега ги базиравме нашите заклучоци врз слики на кои не можеше да се види многу“, вели водечкиот автор Антоин Балзеу – научник од Францускиот историски музеј. Со заеднички сили со Филип Шарлие – палеопатологист на универзитетот Париз-Декарт и специјалист во решавање на антички медицински мистерии, научниците обезбедија високо-квалитетни слики (генерирани во Јапонија), со чија помош ја мапираа варијацијата на дебелината на коските.
„Многу информација е содржана во коскените слоеви на черепот“, вели Балзеу. Според него, резултатите се јасни: не се најдени никакви карактеристики од нашиот вид т.е. нема траги од Хомо сапиенс. И покрај најдените поситни болести, нема траги ниту од големите генетски деформации кон кои упатуваат другите истражувачи.
Како и да е, научниците сé уште не можат да ја исклучат можноста дека „хобитот“ е всушност намалена верзија на Хомо еректусот, кој пристигнал на соседните острови на Јава пред околу милион години, а не можат да бидат сигурни ни дека „хобитот“ не е вид со своја посебна гранка.