Страшната мистерија на Дјатлов

image[2]

Приказната почнува како хорор филм. Во длабоката зима во 1959 година, армиски офицер од низок ранг, во далечните региони на СССР, добива повик и е известен дека група планинари не се вратила од експедицијата. Од него се бара да поведе истрага. Неговиот тим пристигнува со хеликоптер на голите падини на планината Отортен, кај локалното племе Манси позната како „Планина на мртвите“. Тимот наоѓа шатор делумно покриен со снег. Празен е. Освен процепот на страната на шаторот, ништо друго не изгледа невообичаено. Најголемиот дел од облеката и опремата на групата е таму. Во таа сурова пустелија, каде најблиското населено место е оддалечено со километри, каква причина имале планинарите да го напуштат топлото и безбедно засолниште? Трагачите наоѓаат траги од 9 луѓе кои заминуваат од шаторот, а ниту една трага од некој да се враќа. Ги следат трагите и наскоро ги наоѓаат првите мртви тела.

Исчезнатата група планинари беа студенти на универзитетот во Свердловск, централна Русија. Планинарењето и скијањето беше популарна рекреација во тогашниот СССР, и ја практикуваа луѓе од сите професии, и машки и женски. Во јануари 1959, тим од седум мажи и две жени, сите на возраст од 20 до 24 години, замина на амбициозна рута во ретко населената планина Урал. Тимот беше предводен од искусен планинар и скијач – Игор Дјатлов. Сите имаа искуство во планинарење, искачување и патување на снег. Добро се познаваа меѓусебно; и порано имаа одено на заеднички експедиции. Беа добро екипирани и со однапред испланирана рута.

image[2]

Кога стигнале во областа, сретнале постар планинар кој побарал да им се придружи. Тој бил воен ветеран кој планирал да скија во областа, ама не успеал да се координира со својата група. Студентите се сложиле да го пуштат да им се придружи. Токму пред финалната фаза од експедицијата, Јури Јудин морал да се откаже, заради силен напад на реума. Решил да се врати и се збогувал со своите 9 придружници. Јудин е единствениот преживеан од групата. Планинарите заминаа во дивината и никогаш не се вратија.

Со секое тело што истражувачите го наоѓаа, мистеријата стануваше сé подлабока. Телата на планинарите беа прилично дисперзирани и сите беа слабо облечени. Само еден имал капа, а сите биле боси. Двајца беа најдени покрај малата шумичка, замрзнати покрај остатоци од камперски оган направен од гранки од кедар, набрани од дрво. Се покажа дека двајцата умреле од хипотермија, а сепак, имало недогорени гранки крај нив. Дел од нивната облека била искината. Дел од останатите планинари, пак, се чинело дека се обидувале да се вратат во шаторот во моментот кога умреле. Пет тела беа најдени, но длабокиот снег и отсуството на траги ја спречи потрагата за останатите планинари. И онака немаше надеж дека ќе ги најдат живи.

Иследниците ги проучуваа дневникот и фотографскиот филм во фотоапаратите на студентите. Се чинело дека експедицијата била една од својот вид. Дјатлов бил заговорник на строга дисциплина, а експедицијата морала да го следи планот до чекор, притоа водејќи детална евиденција. На нивниот последен ден, планинарите се нашле во лоши временски услови и го поставиле кампот близу еден рид на падините на Мртвата планина. Беше пресметано дека што и да ги снашло камперите, се случило откако паднала ноќта, некаде помеѓу моментот на поставување на шаторот и вечерата.

Поставувањето на шаторот.
Поставувањето на шаторот.

Бил ли кампот нападнат? Во таа област е и локалното племе Манси, кои одгледуваат ирваси и ловат во локалните шуми. Можеби некои животно ги нападнало? Форензичката анализа покажала дека шаторот не бил раскинат, туку исечен – одвнатре. Што ли ги исплашило студентите до толку што морале да го исечат шаторот (тогаш сé уште не биле измислени шаторите со патент; се затворале и врзувале со јаже, како патика; прописното отварање на шаторот би одземало многу време) за да избегаат полуголи во ноќта без месечина и силни ветрови со силни наноси на снег? За иследниците било нелогично што групата сметала дека е побезбедно да истрча надвор отколку да остане засолнета внатре, особено што се работело за искусни планинари, а секој таков знае дека сечењето на сопствениот шатор во такви услови е рамно на самоубиство.

Кога почнал да се топи снегот, во мај, најдени се и останатите 4 тела, продлабочувајќи ја мистеријата уште повеќе. Најдени се во дол исполнет со снег, на и во близина на импровизиран кревет направен од гранки, и со парчиња облека расфрлани во близина. Овие четворица биле нешто посоодветно облечени од другите, но никој од нив немал чевли. Аутопсијата покажала дека тројцата од нив претрпеле смртносни, директни трауматични повреди. Дел од облеката била радиоактивна. Роднините подоцна ќе пријават дека телата имале портокалова кожа и сива коса. Надлежните ја затворија истрагата со статус на нерешен случај и се погрижија инцидентот да не добие широк публицитет. Во меѓувреме имаше неколку одделни сведоци што тврдеа дека забележале силни, необјасниви светла на ноќното небо.

Мистеријата на Дјатловиот теснец (како што се прочу тој дел од планината, во чест на групата) трае со декади, со тоа што добива сé повеќе онлајн внимание. Нетранспарентноста на властите околу доказниот материјал беше сфатен како сериозна индикација за заговор. Тешко дека ова држи вода, со оглед на тоа што СССР беше полициска држава и прикривањето на проблематични, па и на обични информации беше стандардна пракса. Во меѓувреме, од 1980-тите па наваму, речиси сите податоци за инцидентот на Дјатловиот теснец беа објавени, што преку официјални, што преку неофицијални канали.

Американскиот документарен режисер – Дони Ејчар е еден од посериозните истражувачи на мистеријата, кој и лично отпатува до местото во потрага по нови докази, а направи и детални анализи на извештаите и интервјуираше луѓе поврзани со настанот, меѓу кои и Јури Јудин. Во својата книга „In Dead Mountain: The Untold True Story of the Dyatlov Pass Incident“, Ејчар ги презентира последните денови на групата пкреу нивните дневници и фотографии. Нивното последно патување било среќно патување, се чини: студентите се насмеани и добро расположени, позираат за камерата, но и работат напорно. Навидум ништо не навестува дека нешто лошо е на пат да се случи.

Покрај тоа што Ејчар дополнително нé зближува со карактерите, главното е што тој се обидува преку логика и докази да ја открие вистината за децениската мистерија, која изроди многу теории, некои сосема логични, некои фантастични, некои конспиративни, некои и вонземски.

Напад од племето Манси или некои други: Манси се кротки и гостопримливи и немаат нападнато ниту еден посетител низ историјата. Исто така, немале причина да ја загрозат групата. Згора на тоа, нема ниту една трага што покажува дека некој му пришол на шаторот.

Напад од животно: Повторно, немало траги. Немало причина групата да ја напушти релативно безбедната средина на шаторот.

Силни ветрови: Некои претпоставуваат дека еден од членовите стоел надвор и бил оддуван од силен ветер, што ги натерало другите да се обидат да го спасат. Но, многу е неверојатно така голема и искусна група да се однесува на тој начин. Силните ветрови би го оддувале и шаторот, исто така.

Лавина: Теренот е премногу нетипичен за лавина. Лавина би го уништила шаторот. Веројатноста е толку мала што иследниците ја отфрлаат таквата можност многу рано во истрагата.

Тестирање на тајно оружје: Немало такво во областа, наводно. Радиоактивниот отпад би ги афектирал сите членови на експедицијата и целата нивна опрема, а не само неколку парчиња од облеката. Дополнително, фитилите за лампите во тоа време најчесто се правеле од керамичка газа и биле третирани со радиоактивен ториум. Исто така и флуоросцентните часовници биле направени од слабо радиоактивен материјал. И едните и другите биле лесно кршливи и способни да ослободат дел од радиоактивниот материјал при кршење. Портокаловата кожа и сивата коса на групата најдена во долот, пак, може да се должи на делумна мумификација што настанала за време на 3-месечната изложеност на елементите.

Идејата дека некаква расправија од романтична природа довела до насилна пресметка е исто така малку возможна. По сите индикации, групата била навистина хармонична, а сексуалната тензија била сведена на платонски флертови и симпатии. Немало употреба на дроги, а единствениот алкохол присутен бил една мала боца со медицински алкохол, најден недопрен, кај другата облека и опрема. Дури не пушеле ни цигари. Групата на Дјатлов се однесувала како сосема свесен и искусен тим, во непогодни услови. Тие биле доволно искусни за да знаат дека било што што би ја нарушило тимската кохезија би значело закана за секој од нив. Иследниците ги опишале масивните повреди на едниот од групата како да бил „удрен од кола“ – тешко дека тоа соодветствува со обична тепачка.

Заклучокот на Ејчар е дека одлуката да го исечат шаторот одвнатре и да избегаат е клучот на мистеријата: сé друго пред и после тој настан е објасниво и логично. Критично е напуштањето на шаторот, што е еднакво на лудост.

Ејчар ја поддржува теоријата на Јури Кунцевич, главен на Фондацијата Дјатлов – руска организација во спомен на групата, која е посветена на решавање на мистеријата. Научниците имаат идентификувано природен феномен наречен инфразвук. Исто како што ветерот што се движи преку песочни дини може да предизвика воочливо зуење, ветерот што се судира со одредени топографски карактеристики може да предизвика ниско-фреквентни бранови, кои варираат од чујни до нечујни. Тестовите покажуваат дека инфразвукот може да предизвика моќни напади на лошење и гадење, паника, страв, морници, нервоза, покачено срцебиење и тешкотии во дишењето. Научниците веруваат дека ридот под кој бил поставен шаторот можел да генерира втрлози, продуцирајќи чуен и нечуен инфразвук, особено на ветровита ноќ како таа на 1-2 февруари 1959-та.

Според Ејчар, исходот може да е резултат на комбинација од таков вид паника и непознат (за групата) природен феномен. Можно ли е дека групата на Дјатлов го протолкувала тој инфразвук како лавина што се приближува, па во паника се обидела да избега? Гледиштето на Ејчар е едно од малкуте рационални гледишта, но вистината е дека инцидентот на Мртва планина останува мистерија и тешко дека некогаш ќе биде откриена целата вистина. Едно е сигурно: последната фотографија направена од групата е нејасна слика со бел „блур“ (заматеност), која на прв поглед не кажува ама баш ништо. А и на втор.

blur

- Реклама -