Франција ќе го гради првиот соларен пат

colas-wattway-solar-road.jpg.662x0_q70_crop-scale[1]

Издржливите соларни патишта стануваат реалност, а во блиска иднина, можеби и ти ќе можеш да возиш по таков (ако тркнеш до Франција). Француската влада најави дека планира да инсталира трајни фотоволтаични панели на преку 1.000 км патишта, во следните пет години, со цел да се обезбеди обновлива енергија за околу 5 милиони жители, во превод – за околу 8 проценти од француското население. Се проценува дека само 20 метри квадратни панелна површина можат да напојуваат просечно француско домаќинство. Тоа значи дека со секој инсталиран километар, 5000 француски домови ќе можат да се напојуваат од генерираната енергија.

Холандија веќе има еден сличен, ама за велосипеди.
Холандија веќе има еден сличен, ама за велосипеди.

Соларниот пат не е нова идеја, ама досега недостигаа практични решенија за негово изведување. Сепак, годините на соработка и заедничко истражување помеѓу француската градежна фирма за патишта „Colas“ и Францускиот национален институт за соларна енергија (INES), доведоа до нова, неверојатно тенка соларна површина на патиштата, наречена „Wattaway“.

Патиштата се зафатени од автомобили во само 10% од времето, а од Colas веруваат дека ова остава простор за големо производство на енергија. Новиот систем може да се постави на површината на постоечките патишта без потребата од нивно оштетување или реинсталација на постоечката инфраструктура. Панелите (налик на плочки), лежат директно на патната површина, а се изработени од тенок слој од поликристален силикон и обложени со супстрат од смола, што ги прави многу поцврсти, но и со поголем контакт на гумите на автомобилот со површината – што би требало да води кон помалку сообраќајни несреќи. Целата структура е дебела околу 7 мм.

Solar[1]

Colas ги тестираше новите патни површини и тврди дека соларните патишта би требало без проблем да издржат нормален сообраќај барем 20 години.

Дури и со сите позитивни карактеристики на новите соларни патишта, многумина се скептични и сметаат дека тоа е фрлање на пари. Пред сé, затоа што патните панели се многу помалку ефикасни од традиционалните кровни панели. Бидејќи ова е прв пат соларни панели да бидат инсталирани на јавни патишта и на толку голема површина, многу од проблемите ќе мораат да бидат решавани попатно. Сепак, француските власти се убедени во успехот на иновативниот проект. А проектот ќе одземе време, ама ќе ја постави основата за идниот развој на ова поле. Којзнае, можеби и ќе се покажат како солиден одговор на светската потреба од енергија.

- Реклама -