Зошто Платон не сакал демократија?

plato[1]

Сметаш дека модерната демократија е неефикасна, задушена од бирократија и самопоништувачка, заради гласачката популација од премислувачи? Платон го предвидел ова уште пред 2 и пол милениума.

Тој имал многу ниско мислење за демократијата и сметал дека државата треба да ја води вистинската елита, која според него, се разбира, се состои од специјално тренирани филозофи.

Ако си на брод некаде на отворено море, дали попрво би организирал гласање помеѓу патниците за да изберете на која страна да сврти бродот или би нашол некој што знае што прави и би му го доделил кормилото нему? Логичниот одговор е, се разбира, овој вториов, што пак значи дека се согласуваш со Платон околу една многу важна работа – тоа е дека експертизата е корисна и неопходна во вакви ситуации. Не би сакал да допуштиш аматери да одлучуваат во ситуација на живот и смрт, нели? Подобро е да одлучува некој што се разбира од поморска навигација и ќе знае како да го донесе бродот до пристаништето, притоа избегнувајќи ги карпите и големите бранови.

Исто е и со бродот наречен – држава. Да се гласа во кој правец треба да се движи државата е многу помалку ефикасно отколку таквата одлука да му биде доделена на некој што знае што прави. Токму тоа го расправа Платон во шестата книга од неговата „Држава“. Затоа тој не ја сметал демократијата како најдобриот процес на одлучување за тоа што да се прави. Според него, дури и гласањето за избор на лидер би било многу ризично, бидејќи гласачите имаат тенденција лесно да бидат привлечени од ирелевантни карактеристики, меѓу другото и нешто банално како физичкиот изглед (кој би победил: Сократ – а не знаеш дека е Сократ, или некој млад, бистар, скоцкан бизнисмен?).

Ама владеењето е вештина, исто како што е навигацијата на отворено море. Експертите што Платон ги сакал и сметал дека треба да се на кормилото на државата биле „филозофите кралеви“ и „филозофите кралици“ – специјално обучени и тренирани филозофи, избрани затоа што се непоткупливи и имаат подлабоко разбирање и познавање на реалноста од обичните луѓе.

- Реклама -