Војната во Виетнам беше првата американска војна што беше пренесувана на телевизија, што пак суштински го видоизмени начинот на кој Американците гледаат на „експедициските“ војни во странство. По прв пат во животот, Американците од својот дом можеа да видат млади мажи како ползат низ густите џунгли на другата страна на светот, со тоа што медиумската покриеност за војната која и дома, во САД, важеше за многу контроверзна, не беше стерилизирана од лошите моменти и не ги прикажуваше војниците на САД како добричини што водат војна во име на мирот, правдата и други лажги, како што се претставени денес. Во сета таа контроверзна атмосфера, останаа запоставени сликите од посветените тимови од воени сликари, чија задача беше да ја претстават војната во Виетнам како што тие ја гледаа, со неограничена креативна слобода.
Проектот „Vietnam Combat Art Program“ започна во 1966-тата, како начин да се создаде архива од воени искуства видени низ очите на војниците (сличен проект постоел и во Втората светска војна). Апликациите минувале низ армиската Arts and Crafts програма, првично формирана за да го подигне моралот при мобилизацијата за ВСВ – програма која се занимавала со декорирање на бараки, одржување на часови по уметност и отсликување на долгогодишните последици од животот поминат во војна; со тоа што сега уметниците имале задача директно да ги опсервираат и отсликаат случувањата во Виетнам.
За разлика од општата армиска затвореност кон националната медиумска покриеност на војната, оваа програма трагаше по уметници што ќе бидат објективни и емотивни при овековечувањето на сцените од Виетнам. Армискиот оглас повикуваше „компетентни сликари-илустратори со солидна основа во цртање на жива природа, композиција и боја. Тие мораат да бидат способни да ги прикажат воените настани и искуства на сликовит начин со силен емотивен импакт“. Уметничките тимови требаше да поминат 60 дена патувајќи низ Виетнам, барабар со патролните единици, и да истражуваат преку скици и опсервација. Подоцна, тие ќе ги довршат своите дела некаде на Хаваите, за време на платениот 75-дневен престој.
Армијата на САД собра 9 борбено-уметнички тима (Combat Artist Teams – CATs) во периодот од 1966-та до 1970-та. Секој од тимовите се состоеше од по 5 уметници на кои им беше дадена слобода да патуваат каде и да посакаат низ Виетнам. „Имавме парче хартија со испишани наредби и печат. Обично ќе отидевме до некој пилот или некој од повисока команда и ќе ги покажевме наредбите“, раскажува Џејмс Полок (еден од најпознаните американски сликари), член на тимот CAT IV, кој оперираше кон крајот на 1967-мата. Според него, тие – уметниците, биле мошне внимателни околу чувањето на таквите парчиња хартија, бидејќи без нив ќе било тешко да објаснат зошто патуваат низ Виетнам. Тој ги опишува своите искуства во својот есеј од 2009-тата, насловен како „War, Literature & the Arts: An International Journal of the Humanities“.
„Бевме ли пропагандна машина на армијата? Апсолутно не“, рече Полок во едно интервју. „Бев регрутиран и воопшто не ни сакав да бидам во армијата“.