Таа е русокоса, харизматична и трпелива. Дотука ништо посебно, но Јулија Клокнер создаде одлични впечатоци во германската политика и тивко премина од “млада надеж на ХДЗ” до “следната Меркел”.
Таа е еден од петмината партиски заменици на Мути, но во последно време отворено си дозволува да се еманципира од својата успешна покровителка.
Пред некој ден Клокнер објави миграциски план кој директно ја обжали либералната владина политика. Таа побара создавање на бегалски центри долж границата на Германија и воведување на дневни квоти за прием што беше доживеано од опозицијата како “план против Меркел”.
Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер реагирашр дипломатски – со сомнеж дека ваквите намери воопшто можат да се применат. Од редовите на конзервативците коментираа дека Јулија не тргнува против Меркел, туку се обидува да помогне во сложениот случај за справување со миграцискиот прилив.
На партискиот конгрес во Карлсруе во декември лани, сепак, Клокнер беше поддржана од околу 1.000 делегати, откако побара забрана за бурките и прифаќање на посебен закон, кој ќе ја стимулира интеграцијата на странците.
“Јулија има природен талент за политичар и многу добро знае како да се промовира”, коментира Јирген Фалтер, професор по политички науки на Универзитетот во Мајнц. Според него, се повеќе луѓе допрва ќе го задржат во својата меморија името на неговата некогашна студентка: “Ангела Меркел нема да биде вечно канцелар и еднаш откако ова место ќе се ослободи, Клокнер ќе биде многу блиску до целта”.
Која е “новата Меркел”
43-годишната русокоса е исклучок меѓу германската политичка елита, каде сериозноста и трезвената проценка се ценат многу повеќе од харизмата и сјајот. За разлика од Меркел, Јулија се чувствува многу удобно пред камерите на новинарите – и одговара одлично за профилот на демохристијаните.
Таа е израсната во мала фарма во провинцијата Рејнланд-Пфалц, западниот дел на Германија, како резултат на што знае како се управува трактор и како се одгледуваат коњи, крави и свињи. Потоа е учител, а потоа новинар и уредник на специјализирано списание за вино. Во средината на 90-тите ја добива титулата “Кралица на виното”, нешто како своевиден атрибут на амбасадорот на оваа индустрија во Германија и во светот.
Слично на Ангела Меркел, таа е силно потценета при своето деби во политиката, бидејќи има незадоволителна “тенка автобиографија”. Ова се случува во 2002-ра година, и тоа откако ХДЗ одлучи дека треба да се зголеми застапеноста на жените во Бундестагот и управувањето. Тогаш нејзините пријатели ја убедувале да се појави на избори и да го замени покраинскиот живот со федералната политика во Берлин.
Како последица на тоа, Клокнер е избрана за заменик – министер за земјоделство. Недостатокот на политички обиди набрзина е „подмачкан“ со можност за презентирање – таа е обична девојка од соседната врата, која секогаш ќе ви помогне со она што може. Оваа слика се развива преку нејзините медиумски настапи – и покрај високата позиција, министерката не заборава од каде дошла.
Без грижи зборува за тоа дека не може без вино и желе бонбони, дека ја црпи силата од споменот за миризбата на сеното и коњите, а нејзиниот прв лет со авион бил едвај на 21-годишна возраст, како “Кралица на виното”, кога го обиколува светот. Се сретнала со папата Јован Павле II, Нелсон Мандела и Михаил Горбачов.
Таа во блиското минато настапи како противник на абортусот и на замрзнување на матични клетки. Сега е убедена дека Германија не треба да се приспособи кон бегалците, туку обратно.
Денес многу малку луѓе се сомневаат во неа, уште повеќе откако во круговите на ХДЗ не стивна незадоволството против либералната бегалска политика на владата.
Во вистински момент
За да го зацврсти својот политички подем сепак, Клокнер треба победи на изборите во провинцијата Рејнланд-Пфалц во март. Оваа територија е вистинска “тврдина” за главните противници на ХДЗ – социјалдемократите, кои управуваат таму од четвртина век.
Победата ќе биде доста тешка, бидејќи анти-имиграционата партија “Алтернатива за Германија” привлекува гласачи на ХДЗ. Ако анти-системската партија добие застапеност во парламентот на Рејнланд-Пфалц, тогаш речиси сигурно ќе биде за сметка на конзервативците.
“Алтернатива за Германија” остро ја критикува Меркел за влезот на околу 1 милион мигранти во последната година, па најверојатно “тивката револуција” на Јулија Клокнер е насочена токму кон колебливите гласачи на конзервативците.
Неслучајно кога пред неколку недели премиерот на Баварија, Хорст Зеехофер побара ограничување на приемот на бегалци до 200 000 годишно, таа му одговори со зборовите: “Ставањето на ултиматуми нема да помогне”.
Ако локалните избори се успешни за новата Меркел, тоа ќе биде нејзината долго очекувана етапа кон националната политика.