Зошто Колумбија ги замоли жените да не зачнуваат?

Здравствените министерства во Колумбија и Ел Салвадор официјално им препорачаа на младите жени да се пазат од забременување или да ја одложат планираната бременост за најмалку 6-8 месеци.

Во Ел Салвадор дури ја откажаа бескомпромисната забрана за вршење на абортуси, која досега важеше дури во случаи на силување, инцест или патолошка бременост, носечка опасност за животот на мајката.

pregnancy-small

Центарот за контрола на заразните болести во САД излезе со предупредување до бремените жени да не патуваат до 22 земји од Карибите и Латинска Америка, вклучувајќи ги Бразил, Колумбија, Мексико, Парагвај, Венецуела и Порторико.

Само за еден ден во листата на карантинот беа додадени осум држави: Барбадос, Боливија, Еквадор, остров Гвадалупе, Гвајана, Капо Верде, Свети Мартин и Самоа.

Причината: бројни случаи на инфицирање со т.н. вирус Зика, кој во последните неколку месеци се шири со голема брзина меѓу пациентите од земјите во карантинот.

Велика Британија исто така забележа три случаи на пациенти со симптоми на зараза со Зика. И кај тројцата болеста била дијагностицирана откако се вратиле од патување во земји од Јужна и Централна Америка.

Бројот на заболувањата во Бразил им дава повод на локалните вирусолози да направат поврзаност меѓу вирусот и аномалија кај новороденчињата, наречена микроцефалија – медицинска состојба, при што обемот на главата на бебето е помала од нормалното.

До 2013 година се регистрирани сосема ограничен број случаи на зараза со вирусот Зика. Во последниве години, сепак се следат неколку епидемии на заразата на Пацификот и Југоисточниот дел од Азија. Во моментов истражувачите сметаат дека околу 1,5 милиони луѓе се заразени со вирусот.

mapa1
Држави во кои има податоци за активно пренесување на вирусот (Податоци: Центар за контрола и превенција на заразни болести, САД)

Вирусот Зика се шири преку каснување од комарци од видот Aedes aegypti и Aedes albopictus, чија популација се среќава во целиот свет. Инфекцијата се пренесува, кога комарец, што каснал пациент со Зика, ќе оствари контакт со друг човек.

Првиот случај на изолирање на вирусот датира од 1947 година во Уганда.

mapa2
Во виолетова се обоени земјите во кои се евидентирани случаи на болести или изолирање на вирусот Зика; во другите земји, означени со побледа боја, се регистрирани позитивни примероци само на база на податоци од крвни тестови. (Податоци: Центар за контрола и превенција на заразни болести, САД)

Министерот за здравство на Колумбија Алехандро Гавирија ги повика жените да ја одложат бременоста со шест до осум месеци.

„Го правиме тоа, бидејќи веруваме дека ова е добар начин да предупредиме за ризикот; подобро да им кажеме на луѓето дека постои опасност од сериозни последици“, вели тој, цитиран од Reuters.

Некои од водечките женски организации сепак ги критикуваа препораките на властите и ги опишаа како “наивни”.

„Исклучително наивно е владата да ги моли жените да го одложат зачнување во општество како Колумбија каде над 50 проценти од бременоста не е планирана, а сексуалното насилство е карактеристично за целиот регион”, коментира Моника Рој, потпретседател во Women’s Link Worldwide, светска организација за заштита на правата на жените.

Контрацепцијата во Колумбија е бесплатна, но жените – особено во сиромашните рурални области, немаат речиси никаков пристап до контрацептивни средства.

Втората од засегнатите држави – Ел Салвадор – предводи едно од највисоките нивоа на бременост кај малолетни девојчиња во цела Латинска Америка.

Една третина од сите бремени жени во земјата се на возраст меѓу 10 и 19 години.

Дури во 2015 година во здравствените служби во Бразил успеваат да направат врска меѓу микроцефалијата и заразата со Зика. Во 2013 и 2014 година во земјата се регистрирани 167 и 147 случаи на деформација кај новороденчињата.

По бумот на епидемијата од Зика сепак во земјата е забележан врв на случаите на микроцефалија – 2782 бебиња за една година.

Вирусолозите, кои ја истражуваат Зика во Бразил тврдат дека има “повеќе посредни докази” кои го поврзуваат вирусот со аномалијата кај новороденчињата.

До овој момент американскиот центар за контрола и превенција на заразни болести не открил директна врска помеѓу двете болести, и покрај тоа, тие излегоа со предупредување за можен ризик за бремените жени.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) нема регистрирани смртни случаи како последица на инфекција со Зика.

Истражувањата до овој момент не откриле вакцина против болеста. Самите симптоми на инфекцијата ја отежнуваат клиничката дијагноза.

Најчестите поплаки се треска, осип, болки во зглобовите или конјунктивитис (црвенило на очите), мускулна болка и главоболка.

Периодот за инкубација на вирусот не е познат, но се претпоставува дека трае меѓу неколку дена и една недела.

Вирусот не е карактеристичен за европските земји, и не се пренесува директно од човек на човек. Во ретки случаи заразата може да премине во друг примач при сексуален контакт или преку плацентата на мајката.

Се уште нема јасност што го предизвикало масовното ширење на заразата во последните две години.

Според една од теориите – причината е поврзана со зголемениот проток на меѓународните патувања, други истражувачи гледаат врска меѓу епидемијата, карактеристична за суптропските услови, со постепеното зголемување на просечните температури на глобално ниво.

Американските здравствени служби работат заедно со бразилските колеги, за да утврдат дали постои врска помеѓу вирусот Зика и друга ретка автоимуна болест позната како синдромот на Гилен-Баре.

Слично на остриот пораст на случаите на микроцефалија во Бразил се дијагностицирани стотици случаи на болести од овој тип, при кој имунолошкиот систем ги напаѓа нервните клетки. Болеста може да предизвика мускулна слабост, а во некои случаи – парализа и респираторна инсуфициенција.

- Реклама -