Дали сте размислувале некогаш да се иселите надвор од градот?
Да пронајдете малку затскриен агол меѓу дрвјата, каде ќе си изградите дом, и сосема ќе се отцепите од цивилизацијата? Таму каде што никој нема да може да ви пречи, а и нема да ве чека никаква работа…
Руската фотографка Даниела Ткаченко решава да се прошета низ планините за да пронајде луѓе кои живеат подалеку од луксузот и стресот на модерниот свет. Руските и украинските шуми се особено погодни за таа намена. Тука Ткаченко наидува на голем број луѓе кои одлучиле да го напуштат општеството и да заживеат како испосници.
Кога живеат меѓу другите, луѓето сосема природно создаваат семејства, пријатели и поголеми општества. За поголемиот дел од нас тоа носи утеха, стабилност и поддршка – сето она што е потребно за да се чувствуваме среќни и сигурни. За други, сепак самостојниот живот – далеку од притисокот на општеството – е многу поостварлива опција. Посветувајќи го сопственото време целосно на овие луѓе, Даниела се обидува да разбере дали човекот навистина може да се извлече од притисокот на социјализацијата и да се претвори во личност која може да ужива самата со себе . Во извесна смисла тоа би било еднакво на вистинска слобода.
„Клучно е прашањето за внатрешната слобода во современото општество – колку е реална истата кога си опкружен со социјалната рамка … Училиште, работа, семејство. Еднаш штом попаднеш во овој круг, ти се претвораш во затвореник на сопствената позиција. Треба да го правите она што се очекува од вас “, коментира фотографката.
Фактот дека треба да одите на работа секој ден, не значи дека навистина го сакате тоа. Секако, ние ги мериме предностите и негативностите од дадена ситуација и обично го избираме она што носи најмалку последици. Дури и да не сакаме да одиме на работа, ние имаме потреба од пари. Не сакаме да не отпуштат. Затоа стануваме секое утро и одиме да ја вршиме нашата должност. Барем во поголемиот дел од времето.
Иако имаме слобода да правиме што сакаме (барем теоретски), последиците од тоа да не ги почитуваме обврските (особено кога и други луѓе се потпираат на нас) ограничуваат голем дел од таа слобода. Кога живееш сам среде никаде, овие окови паѓаат.
На својот официјален сајт Даниела го поставува следново прашање – треба ли да бидеме силни и да се држиме до нормалните социјални ограничувања или да бидеме верни на внатрешното Јас и да се претвориме во „лудаци“?
Како човек, израснат во градот, Данилеа секогаш ја привлекува природата, кон дивото и непознатото. Токму таму таа може да биде „вистинското јас, надвор од социјалниот контекст“. Веројатно ќе помислите дека во современиот свет, подвластен на модерната технологија, никој не би можел да живее навистина сам. Ова сепак не е така. Постојат многу места каде што човек може да се изолира од сè и секого и буквално да се принуди да се бори за сопствениот опстанок.
Според овие ретки снимки објавени во книгата “Бегство” (Escape) многу од луѓето на нив можат да преживеат сами и го прават истото со најголемо задоволство – самите, среде никаде. А вие?
За крај, еден особено соодветен цитат.
„Човекот воопшто нема потреба од општеството, општеството има потреба од човекот. Општеството е присилна заштитна мерка за самоодржување. Човекот треба за разлика од животните, да живее осамено – меѓу природата – меѓу животните, растенијата и во контакт со нив“, Андреј Тарковски, мисла на денот.