Чомски се раздолжи со Ердоган

Истакнатиот американски лингвист и филозоф Ноам Чомски му возврати на турскиот претседател Реџеп Ердоган, кој го обвини дека е „мрачен“ и дека има „колонијалистички менталитет“ поради тоа што ја потпиша протестната декларација за воените операции на Анкара против Курдите.

56980e2dc461881b1b8b457e

Тензиите ги предизвика отвореното писмо до турскиот лидер потпишано од 1.128 турски и странски академици од 89 универзитети, вклучувајќи го и Чомски. Тоа беше објавено минатиот месец со наслов „Нема да бидеме дел од злосторствата“.

„Турција ја обвинува Исламска држава за нападот во Истанбул, ја обвинува организацијата која ја помага на многу начини. Ердоган лансираше тирада против оние што се жалат од неговите криминални дела против Курдите, кои изгледа дека се единствената копнена сила која се бори против ИСИС во Сирија и Ирак. Дали е потребен дополнителен коментар?“, истакна Чомски.

Критиките изнесени од страна на академиците против воените операции на власта против турските Курди на југоистокот на земјата го разгневија Ердоган, кој почна да ги апси турските академици, а вербално му се наврте и на Чомски.

„Нека го покани нашиот амбасадор во САД Чомски, кој дава изјави против турските операции против терористичката организација“, кажа Ердоган на Осмата годишна конференција на турските амбасадори која почна во понеделникот. Тој се понуди да му биде „домаќин“ на Чомски во курдските региони.

„Ако решам да одам во Турција, тоа нема да биде на негова покана, туку како што често имам одено на покана на голем број храбри дисиденти, вклучувајќи Курди кои се под жестоки напади веќе долги години“, изјави Чомски за Гардијан, како одговор на поканата на Ердоган.

Во отвореното писмо се бара од турските власти да ги сопрат „масакрот и колежот“ на југоистокот на земјата и да ја прекинат опсадата на курдските градови и села, обвинувајќи го Ердоган дека води војна против сопствениот народ.

„Одговорноста за актуелната самопредизвикана криза во земјата лежи исклучиво кај Ердоган, кој Курдите ги гледа како пречка да воспостави врховна власт како турски претседател“, се вели во отвореното писмо на академиците.

- Реклама -