Американскиот режисер, Квентин Тарантино со најновото филмско остварување ги разбуди „духовите“ во американската и светската јавност.
Кинематографското дело „Омразената осумка“ го потврдува тарантиновскиот естетски израз, кој нема намера да ја поштеди публиката од насилниот свет ниту од духовната празнина која ги обликува луѓето.
Режисерската имагинација не поставува граници ниту оправдува постапки, туку ги носи човековите бариери и идеологии над животот и хуманото. Тарантино дејството го сместил во периодот по граѓанската војна во САД, перфектно за развивање на сценарио кое ја прикажува поделеноста на луѓето врз расна и националистичка основа, а од друга страна го портретира „лицето“ на бандите.
Пустиот предел во Вајоминг е одлична околина за вестерн филм, но кога се работи за Тарантино, не смее да се исклучи филозофската димензија која низ симболниот приказ ги отсликува „замрзнатите души“, изгонети од пеколот. Не е зачудувачки што филмот се отвора со статуа од христовото распетие, замрзната од снежните виулици и заборавена од светот. Широките кадри од снежната панорама го означуваат крајот на суштествувањето, уништувањето на битието и славење на ништожното.
Филмското дејство започнува со движење на кочија во која се возат злосторници и ловци на награди. Режисерскиот фокус на 6-те коњи и кочијашот се симболниот приказ за незаузданиот разум. Прикажувањето на мртвите тела кои се транспортираат на кочијата, метафорично го носат апсурдот за смртта и дефинитивноста на човековото постоење во материјалниот свет.
Драмата се развива низ женскиот карактер, баран убиец кој припаѓа на озогласена банда, познатата Дејзи Домергу (Џенифер Џејсон Ли). Дрска и храбра, Домергу е клучен лик за одвивањето на насилство во филмската фабула, додека ловците на награди Маркиз Ворен (Самуел Л. Џексон) и Џон Рут (Курт Расел) ја зачнуваат загатаката за живеењето низ апсурден сентимент.
Филмот ги отвара прашањата поврзани со правдата, правичноста и вредноста на животот. Тарантино со „Омразената осумка“ го потврдува маестралниот сенс за пишување на филмско сценарио со досетливи и поентални дијалози.
Музиката за „Омразената осумка“ ( The Hateful Eight) е во авторство на познатиот композитор Енио Мориконе, кој се закити со „Златен глобус“.
Вероника Камчевска