Фудбалска Шпанија посрамена на Олимпијадата (видео)

Олимпискиот фудбалски тим на Шпанија е елиминиран од настапите на Олимписките игри уште во првата фаза, откако го загуби и вториот меч на турнирот со 0:1, овојпат од Хондурас.

„Црвената фурија“ која имаше играчи кои станаа и европски и светски шампиони, како Хави Мартинез, Жорди Алба, Хуан Мата, доживеа фијаско на ОИ во Лондон. Дојдоа со огромни очекувања и со најави дека ќе ја продолжат доминацијата на нивната земја во фудбалот, но си заминуваат како очајни губитници.

Хондурас поведе со 1:0 уште во седмата минута по едно невнимание во одбраната на Шпанија, стрелец беше Џери Бенгстон, постигнувајќи гол со удар со глава, крај немоќниот Де Геа. Во продолжението Шпанија беше подобар противник, ја диктираше играта, имаше и неколку шанси преку Мата, Адриан, Муниаин и Родриго, трипати ги погоди гредата или дирекот од противничкиот гол, но не ја затресе мрежата на Хондурас.

Шпанија нема ниту теоретски шанси за пласман во следната рунда, откако и во првото коло загуби со 0:1 од Јапонија. Оваа селекција веќе обезбеди пласман понатаму, откако беше подобра и од Мароко со 1:0.

{youtube}bJQMthj0RB0{/youtube}

Бразил ја совлада Белорусија со 3:1, а извонреден погодок од слободен удар постигна Нејмар. Стрелци за „Кариоките“ беа и Пато и Оскар. Египет и Нов Зеланд во оваа група ремизираа, 1:1. Во групата А, Велика Британија славеше над ОАЕ со 3:1, а Сенегал го изненади Уругвај, совладувајќи го со 2:0. Во групата Б, Мексико беше подобар од Габон со 2:0, додека селекцијата на Јужна Кореја ја совлада Швајцарија со 2:1.

- Реклама -