Нели Блај: Буцкало и пионер во истражувачкото новинарство

bly

Елизабет Џејн Кокран е родена на 5-ти мај, 1864-тата. Нејзината мајка, пресреќна за приновата, ја облекува во розево фустанче и и приредува крштевка. Радоста не трае долго. Кога Елизабет ќе наполни 6 години, нејзиниот татко ненадејно умира, притоа без да остави тестамент, со што Елизабет и нејзиното семејство запаѓаат во сериозна финансиска криза. По неколку години, нејзината мајка се премажува, но за маж што е пијаница и често насилен. Во првиот момент кога Елизабет станува доволно возрасна за да работи, таа го напушта домот и оди да учи за да стане учителка. По само еден семестар, останува без доволно пари за да плати партиципација, па заминува во Питсбург да работи во еден мотел.

***

Токму таму Елизабет ќе ја најде својата природна професија. Имено, околу 1885-тата, локалниот весник Dispatch објавувал неделни колумни од еден прилично самобендисан автор – Еразмус Вилсон, кој се потпишувал под псевдонимот „Тивкиот набљудувач“ (Quiet Observer). Една недела, истиот тој колумнист напишал текст со наслов „За што се добри жените“, на што одговорот, според него, бил за седење дома и домашна работа. Напишал дека е непристојно и грдо жените да работат, опишувајќи ги жените што работеле како „монструозност“.

Елизабет не останала рамнодушна на таквиот текст. Напишала луто писмо до уредникот, провокативно потпишувајќи се како „Осамената девојка сирак“. Стилот на писмото бил далеку од добар – сепак Елизабет го имала напуштено училиштето на 15 години, но уредникот Џорџ Маден бил импресиониран од нејзината жестокост. Така, во следното издание на весникот објавил реклама во која ја повикувал „осамената девојка“ да дојде во редакцијата и да се претстави. Елизабет тоа и го направила, и веднаш добила понуда за работа. За да остане заштитена од јавноста, двајцата решиле таа да избере уметничко име, а изборот паднал на Нели Блај, според една популарна песна на Стивен Фостер.

Уште од првиот текст, Бјал настапила како луд пиштолџија. Од самиот почеток таа била решена да пишува исклучиво стории што ќе имаат значење. Била неискусна, без школо и без избрусени финеси, ама имала жар што никој дотогаш го немал видено во весниците. Пишувала за правата на жените работници. Пишувала против сексистичките закони за развод. Дури и го убедила Маден да ја испрати во Мексико, каде што обелоденила корупција во владините редови (по што била избркана од земјата).

Уредниците на Dispatch не биле среќни со големиот притисок што го трпеле. Се обиделе да ја зауздаат Блај со тоа што и доделиле да пишува за цветни изложби и мода. Нели не потклекнала ниту за момент – веднаш дала отказ, оставајќи строга порака на масата на „Тивкиот набљудувач“ во која пишувало: „Драг, Т.Н., јас заминувам за Њујорк. Внимавај на мене и очекувај ме“.

nellie_bly_journalist-blogГодината била 1887-ма, а Нели Блај само што успеала да ги убеди во New York World да и дадат работа. За нејзината прва сторија, Блај се сложила да глуми лудило (буквално), со цел да добие пристап во лудницата на островот Блеквел.

Најпрво се пријавила на рецепцијата на еден мотел под лажно име, а потоа почнала да се однесува како лудак, зборувајќи неповрзани шпански зборови и тврдејќи дека го изгубила паметењето. На крајот побарала и пиштол, по што домарите ја викнале полицијата, а Блај завршила на судење.

Новинарите во судницата биле воодушевени од „Нели Браун“. Пред поротата, Нели раскажала сензациоанална приказна за запоставувањето, злоставувањето и напуштањето што демек и се случило во животот. Психологот што ја прегледал ја прогласил за избезумена, а Блај добила свое место во душевната болница. Во меѓувреме стигнала и на насловната на New York Sun (конкурентскиот весник на New York World на Блај), со наслов „КОЈА Е ЛУДАТА ДЕВОЈКА? УБАВА Е, УБАВО ОБЛЕЧЕНА И ЗБОРУВА ШПАНСКИ“.

Блај поминала 10 дена на островот Блеквел, време за кое била сведок, но и жртва, на грозоморен третман. Жителите на душевната болница биле главно сиромашни и жени-имигрантки (некои од нив се нашле таму единствено зашто не зборувале англиски). Жените  биле тепани, изгладнувани и присилувани да се бањаат со мраз студена вода. Заедно со нив, и Блај.

Откако адвокатот на весникот средил нејзино отпуштање од болницата, во серијалот „10 дена во лудница“, Блај пишувала за секое ужасно нешто што го преживеала во лудницата. Детално ги опишала условите во кои нејзините сожителки биле насилно терани да живеат, како и казните што ги трпеле. Блај ќе напише: „Што, освен можеби вистинско мачење, би можело да предизвика лудило побрзо од ваквиот третман?“.

Уште пред да излезе последниот дел од текстот, Њујорк веќе се имал зафатено со проблемот. Репортерството на Блај вродило со плод, кога големата истрага во установата  потврдила многу од нејзините увиди. Душевната болница на крајот била затворена.

***

Блај станала еден вид на новинарски Робин Худ, обелоденувајќи ги најтемните ќошиња од животот во њујоршкото општество. Како супер-херој, Блај ја имало секаде каде што постоел несоодветен третман на жени, деца или сиромашни; Отишла на тајна задача преправена во сиромашна болничка пациентка, при што одвај избегнала да и ги извадат крајниците. Работела со жените работнички во една фабрика, за потоа во „Девојките што прават кутии“ да ги обелодени сите неправди што се случувале таму. Отишла кај седум различни доктори и добила седум различни дијагнози, како и „извонредна разновидност на препорачани лекови“, при што ја изнела на видело некомпетентноста и, пред сé, корумпираноста на лекарската фела. Посетила јавна куќа. Два дена живеела во најлошите социјални станови, во најжешкиот период од летото. Дури купила и бебе на црниот пазар.

„Купив бебе минатата недела, за да испитам како бебињата робови се продаваат и купуваат во Њујорк. Размислете за тоа! Се исценкав за бесмртна душа за 10 долари! Татковци-мајки-министри-мисионери, купив бесмртна душа за 10 долари!“, ќе напише Блај.

54c791f0cc8566473479337[1]Но, не застанала ни таму. Во 1889-тата, „Пат околу светот за 80 дена“ на Жил Верн (објавена во 1873-тата) била ултра-популарна. Блај решила да го направи истиот подвиг, но за 72 дена. Речено-сторено: откако ги убедила уредниците да го финансираат нејзиното патување, Блај го обиколила светот за 72 дена, 6 часа и 11 минути, а притоа имала и време да застане во Франција на чај со самиот Жил Верн. Приказнава ја претворила во популарна икона, а нејзиното име станало познато дури и во секојдневието на американските домаќинства.

Инспирирани од нејзината работа, и други жени почнале да ги следат нејзините смели чекори. Сепак, бидејќи ваквото известување се покажало како домен претежно на младите девојки, нивната храбра работа била отфрлена како „каскадерско новинарство“. Денес, истото го викаме истражувачко новинарство, а таквите луѓе – свиркачи (whistleblowers).

***

Во 1895-тата, Блај се сретнала со индустријалистот Роберт Симан. Неколку дена подоцна се омажила за него, а го оставила новинарството зад себе. Симан бил 40 години постар, но тоа не ги спречило да поминат 10 среќни години во брак, сé до неговата смрт во 1904-тата.

Елизабет Кокран Симан го наследила целиот имот на починатиот сопруг, заедно со неговата компанија за производство на челик. Да се работело за некоја друга жена, веројатно ќе ја продадела фабриката и ќе ја предадела во рацете на некој маж кој би раководел со истата. Не и Блај. Таа решила самата да ги тегне конците, и покрај тоа што немала никакво искуство (не дека некогаш порано тоа ја спречило). Додуша уште од 1902-та почнала да поднесува патенти за нови буриња за масло.

Како управник на фабрика, Блај ги почитувала сите принципи кон кои се стремела во своите новинарски текстови. Нејзините работници добивале фер плата, а им овозможила и здравствено осигурување, да студираат гимназии, да имаат пристап до библиотеки и сл. Во тоа време, ваквиот третман бил лудост, а и со причина. Третирањето на вработените како човечки суштества чинело многу пари, па по не многу долго време, нејзините бизниси пропаднале.

nellie-bly-trade-card-printed-on-aluminum-from-the-1901-pan-american-c29pf6[1]Се вратила на новинарството за време на Првата светска војна. Работела се до 1922-та, кога починала од пневмонија, на возраст од 58 години.

До ден денес Блај важи за новинарско динамо, за незапирлив адвокат на општествената промена кон подобро и за новинарски и човечки феномен. Таа не била првата жена во новинарството, но дефинитивно била најжестоката.

- Реклама -