На Северниот пол, кон крајот на декември 2015-та, беше исклучително топло, со температури кои достигнаа помеѓу 0 и 2 степени Целзиусови. Тоа е барем 20 степени повеќе од вообичаените зимски температури, соопштуваат канадските метеоролошки служби. Таквото време е последица на „големата и агресивна“ депресија на северот на Атлантикот.
Депресијата прва удри на истокот на Канада, каде донесе исклучително топол Божиќ. Имено, во Монтреал, на 24-ти декември, беа измерени 15.9 степени Целзиусови. Вообичаени за тој ден од годината се температури од околу -10 степени.
Полето на низок воздушен притисок потоа се помести кон северот на Атлантикот и сега се наоѓа некаде над Исланд, каде воздушниот притисок падна на 982 хектопаскали, каде дуваат ветрови со јачина од 140 километри на час и каде брановите достигнуваат 15 метра висина.
„Тоа е многу агресивна и моќна депресија и затоа не е чудно што температурите на северот се толку високи, а јаки ветрови дуваат во Англија“, вели Натали Хејсел, метеоролог во канадското Министерство за животна средина и експерт за екстремни климатски промени.
„Заради ваквата голема депреси, топлиот воздух стигна до Северниот пол, каде температурите се барем за 20 степени Целзиусови повисоки во однос на нормалата и се движат околу точката на мрзнење на водата, со температури од 0, 1 и 2 степена“, додава Хејсел.
Американските експерти од Опсерваторијата за животна средина на Северниот пол (NPEO) ги потврдија наодите дека термометрите полудеа во изминатите два дена. Според нивните мерења, температурата пораснала од -37 степени во понеделникот, на -8 колку што е измерено во средата, на мерната станица на околу 300 километри од Северниот пол.
Арктикот е најпогодениот дел од планетата од глобалното загревање. Температурите, според податоците на меѓународните институти, се за најмалку 3 степени повисоки од периодот пред глобалната индустријализација.