„Интернетот е одвратен денес, интернетот е скршен. Веројатно отсекогаш било лошо, но сега е полошо од било кога“
Разговорот со Петер Сунде, еден од основачите и говорниците на The Pirate Bay, не започнува со оптимистички тон и има сериозни причини за тоа, пишува Vice.
Во последните неколку месеци современата култура на торенти покажува тешки знаци на пораз во борбата за Интернет.
Минатиот месец згасна тракерот за торенти Demonii. Тоа беше најголемиот торент тракер онлајн, одговорен за 50 милиони торенти годишно. Освен тоа MPAA ги затворија YIFY и Popcorn Time. Потоа стана познато дека Dutch Release Team – колектив за прикачување на содржините, постигнал договор со антипиратската група BREIN.
Иако може да изгледа дека неколку торент сајтови сè уште ја водат оваа борба, Сунде вели дека реалноста е категорична: “Веќе ја изгубивме.”
Во 2003 Сунде, заедно со Фредерик Неј и Готфрисд Свартхолм го основаат The Pirate Bay – проект кој стана најголемиот споделувач на датотеки во светот. Во 2009, тројцата основачи беа осудени за “помагање на кршењето на авторските права” во прилично контроверзен процес.
Сунде влезе во затвор во 2014 и беше ослободен една година подоцна. По престојот во затвор тој почна да пишува на својот блог за централизацијата на власт од Европската унија; се бореше за место во Европарламентот како кандидат на финската Пиратска партија; и основа Flatt насочен кон развивачите на софтвер.
VICE разговараа со Сунде за моменталната состојба на слободниот и отворен интернет, но разговорот брзо премина во идеолошка дискусија за општеството и капитализмот – кои според Сунде се вистинскиот проблем.
Питер, панирав да те прашам дали работите се одвиваат добро, но од воведот во разговоров ми стана јасно дека не е така.
– Не, не гледам ништо добро да се случува. Луѓето премногу лесно се помируваат со работите.
Да го земеме законот за мрежна неутралност во Европа. Тој е страшен, но луѓето се задоволни и велат “можеше да биде и полошо”. Тоа воопшто не е вистинскиот став. Facebook го пренесува интернетот во Африка и сиромашните земји, но тие им даваат само ограничен пристап до нивните сопствени услуги за да заработат пари од сиромашните луѓе и добиваат владини грантови за да го прават тоа.
Финска навистина го направи интернет пристапот човеково право, пред време. И тоа беше паметен чекор за Финска, но тоа е единственото позитивно нешто што сум го видел во која и да е држава во светот, во однос на слободата на интернет просторот.
Колку е лоша ситуацијата со слободниот интернет?
– Па едноставно немаме слободен интернет. Не сме ни имале слободен интернет веќе подолго време. Реално не можеме да зборуваме за слобода, бидејќи таа не постои. Проблемот е што никој не превзема ништо. Ако постојано ги губиме правата и привилегиите ние нема да постигнеме ништо.
Трендот само оди во една насока: позатворен и поконтролиран интернет. Ова има голем ефект врз нашето општество – ако имаш подепримиран интернет, имаш подепресивно општество. Значи тоа е нешто кон кое што треба да се сконцентрираме. Сепак, гледаме на интернетот како на некој нов Див Запад, каде работите не се врзани во синџири, па не се ни вознемируваме, бидејќи сè ќе биде во ред. Не е така. Никогаш не сме имале толку централизација, крајна нееднаквост и екстремен капитализам во кој и да е систем до овој момент.
Според маркетингот на луѓе како Марк Закерберг и компании како Google, сето тоа е со цел да и помагне на слободната мрежа и да шири демократија и така натаму. Истовремено тие се капиталистичките монополи. Тоа е како да му се довериш на непријателот да прави добро. Пеколно чудно!
Дали мислите дека затоа што многу луѓе не го сметаат интернетот за реален или за реално место, тие помалку се замараат со благосостојбата?
– Ние сме израснале со разбирање за значењето на нештата како телефонски линии или телевизија, па ако би почнале да се однесуваме кон телефонските линии или ТВ каналите како кон Интернет, луѓето би биле многу вознемирени. Ако некој ви каже дека не можете да му се јавите на вашиот пријател, би сфатиле дека се случува нешто многу лошо. Ги знаете вашите права. Но, луѓето гледаат поинаку кога станува збор за интернетот.
Ако некој ви каже дека не можете да користите Skype за ова или она, немате чувство дека тоа ви влијае лично…само затоа што е виртуелно, одеднаш не е насочено кон вас. Не гледате дека некој ве шпионира, не гледате дека нешто се цензурира, не гледате кога некој брише нешто од резултатите од пребарувањето на Google. Мислам дека ова е најголемиот проблем – да го привлечеме вниманието на луѓето кон проблемот. Тие не ги гледаат, па не се чувствуваат засегнати.
Јас би сакал да не ме вознемирува тоа. Бидејќи е многу тешко да направиш нешто околу тоа и да не се претвориш во параноична и конспиративна личност, а не сакаш да бидеш таков. Значи подобро е само да се откажеш – претпоставувам дека многу луѓе размислуваат така.
– Од што точно сте се откажале?
– Од идејата дека можеме да победиме во оваа борба за слободен интернет.
Ситуацијата нема да се промени, бидејќи очигледно тоа не е нешто што луѓето имаат интерес да го поправаат, или пак ние не можеме да ги натераме луѓето да бидат заинтересирани доволно. Можеби е комбинација од двете, но таква е ситуацијата во која се наоѓаме, па е бескорисно да правиме нешто околу тоа.
Некако се претворивме во Црниот витез од “Светиот грал” на Монти Пајтон.
– Што можат да направат луѓето за да го променат тоа?
– Ништо.
– Ништо?
– Не, мислам дека веќе стигнавме до оваа фаза. Мислам дека е важно луѓето да разберат. Ја изгубивме оваа борба. Едноставно мора да го признаеме поразот и да се потрудиме следниот пат да дознаеме зошто ја изгубивме оваа борба и да гарантираме дека нема да се случи повторно кога ќе се обидеме повторно, и тогаш да победиме.
– Добро, за што е оваа војна и што треба да направиме за да победиме?
– Мислам дека за да ја победиме војната, мора прво да разбереме за што се бориме – и за мене е очигледно дека станува збор за идеологија: екстремен капитализам кој командува, екстремно лобирање кое ги влече конците, и централизација на власта. Интернетот е само дел од големиот мозаик.
Друго во однос на активизмот е дека треба да привлекувате внимание, а нас тоа не ни оди многу од рака.
Интернетот го имитира реалниот свет. Се обидуваме да го пресоздадеме ова капиталистичко општество што го имаме, на интернет. Значи интернетот главно го потпалува капиталистичкиот оган, донекаде се преправа дека е нешто што ќе го поврзе целиот свет, но реално се наметнува капиталистичка агенда.
Погледнете ги најголемите компании во светот – сите тие се на интернет. Погледнете што продаваат тие: ништо. Facebook немаат производ. Airbnb, најголемиот хотелски синџир во светот, нема хотели. Uber, најголемата такси компанија во светот, нема такси возила.
Бројот на вработени во овие компании е помал од било кога и профитот за возврат се зголемува. Apple и Google започнаа да надминуваат и нафтени компании по профит. Minecraft се продаде за $ 2.6 милијарди, А WhatsApp за околу 19 милијарди долари. Тоа се луди суми за ништо. Затоа интернетот и капитализмот толку се сакаат еден со друг.
Велите дека интернетот е скршен, дека секогаш бил скршен. Што мислите под тоа – и виновен ли е за тоа екстремниот капитализам?
– Поентата е дека интернетот е многу глупав. Тој работи едноставно, недвосмислено, и не прифаќа корекции во името на цензурата. На пример, ако еден кабел исчезне, само го пренасочувате сообраќајот на некое друго место. Но поради централизацијата на интернет, (потенцијална) технологија за цензура или надзор е многу полесна за реализација. Исто поради фактот што интернетот е американски изум, САД има контрола над него и ICANN реално може да наметне на секој домен од највисоко ниво цензура или исклучување.
Но секогаш било така, секогаш било скршено, никогаш едноставно не сме се интересирале за тоа, бидејќи секогаш имало неколку пристојни луѓе кои ќе се осигураат дека ништо лошо нема да се случи. Мислам дека ова е погрешна идеја. Подобро е да ги оставиме лошите нешта да се случат што е можно поскоро, за да можеме да ги поправиме и да бидеме сигурни дека нема да се случат повторно во иднина. Продолжувањето на овој неизбежен тотален неуспех, не ни помага особено.
– И што, само треба да оставиме сè да се сруши и уништи, да ги собереме парчињата и да почнеме одново?
– Да, со акцент на Големата војна против екстремниот капитализам. Не можев да гласам, но се надевав дека Сара Пејлин ќе победи на последните американски избори. Сега се надевам дека Доналд Трамп ќе победи на изборите оваа година, бидејќи тоа ќе ја уништи оваа земја многу побрзо отколку ако победи не толку лош претседател.
Целиот свет е толку фокусиран на парите. Тоа е најголемиот проблем, што е причина се да се уништи. Тоа е целта што треба да ја поправиме. Треба да гарантираме дека ќе пронајдеме нов акцент во својот живот.
Да се надеваме дека роботите ќе ги елиминираат сите работни места, што ќе предизвика огромна светска невработеност; некаде околу 60 проценти. Луѓето ќе се исклучително несреќни. Што би било одлично, бидејќи конечно ќе гледаме како капитализмот се урива спектакуларно.
Ќе има многу страв, многу пролеана крв и изгубени животи, додека не се дојде до оваа точка, но мислам дека тоа е единственото позитивно нешто што може да ни се случи – да имаме тотален системски колапс во иднина. Дај боже што е можно поскоро. Подобро да имам 50, отколку 85, кога системот ќе се сруши.
– Тоа звучи како некој вид марксистичката револуција: тотален колапс на капиталистичкиот систем.
– Па да, целосно се согласувам со тоа. Социјалист сум. Знам дека Маркс и комунизмот не функционирале претходно, но мислам дека во иднина има можност да има тотален комунизам и еднаков пристап до сè за сите. И повеќето луѓе, со кои се среќавам, без разлика дали се комунисти или капиталисти, се согласуваат со мене по ова прашање, бидејќи го разбираат потенцијалот.
– Има ли нешто конкретно, врз кое што ќе се фокусираме? Или треба да се стремиме кон нов начин на размислување? Нова идеологија?
– Мислам дека фокусот треба да биде ставен на тоа дека интернетот реално е ист како општеството. Луѓето може да се свесни дека не е особено добра идеја сите наши податоци и датотеки да бидат на Google, Facebook и корпоративни сервери. Сите овие работи треба да бидат објавени, сè до политичките врвови. Но време е да престанеме да го третираме интернет како сеедно тој да е нешто различно, и да почнеме да се концентрираме на тоа како реално сакаме нашето општество да изгледа. Треба да го поправиме општеството, пред да можеме да го поправиме интернетот. Тоа е.