Универзитетската клиника за дигестивна хирургија од денеска продолжува со редовни прегледи, откако лекарите штрајкуваа и ги примаа само итните случаи.
Штрајкот дојде по инцидентот на 9 ноември кога еден од најистакнатите хирурзи во земјава Љубомир Огненовиќ беше нападнат со пиштол од страна на син на пациентка која починала од рак.
По настанот се случи разгорување во медиумите и социјалните мрежи, како и непоткрепени шпекулации без никаков доказ дека докторот примил мито од страна на синот на пациентката.
„Тој е еден од најљубезните и најпрофесионални доктори, а истовремено можам да потврдам дека се работи за врвен специјалист. Ме ужасна она што го прочитав по медиумите и социјалните мрежи во изминативе денови. Ако беа сите доктори како него македонското здравство ќе цветаше. Му посакувам побрзо да закрепне“, вели за 365 Д.Т. еден од неговите пациенти врз кој што неодамна бил извршен хируршки зафат.
И лекарите кои протсетираа минатата недела на неколку наврати упатија пораки дека и тие се Љубомир Огненовиќ, притоа искажувајќи револт и искрено жалење за она што му се случило на нивниот чесен колега, кому сега се обидуваат да му го оцрнат угледот.
Според вработена во клиничкиот центар шпекулациите со митото се појавиле со цел убијците да добијат помала затворска казна.
„Сите што го знаат и работат со него знаат колку е тој професионален и чесен. Никогаш не се обидувал некого да залаже или да дозволи да биде поткупен. Сите жалиме за она што му се случи. Штета што вакви работи ги снаоѓаат секогаш најдобрите и највредните луѓе“, истакна нашата соговорничка од одделот за дигестивна хирургија.
Лекарите со штрајкот упатија порака дека било пукано во нивната професија и не се чувствуваат безбедни на своите работни места и бараа подобрување на законите.
„Сигурни сме дека нашиот колега брзо ќе се опорави и ќе продолжи да работи“, беа нивните пораки со кои му посакаа подобро здравје.
Според најновите информации наскоро ќе биде засилено обезбедувањето на Хируршките клиники, а најавен е и закон за лекарска дејност.
„Законот е во фаза на подготовка и очекуваме до крајот на годината да биде донесен“, истакна Ленче Нелоска, потпретседателка во Лекарската комора.
Според неа, со законот ќе буде предвидена минимална плата, но засега не може да се каже за колкава плата се работи.
Собири за поддршка на лекарот во кој беше пукано имаше и во Општата болница во Куманово, Заводот за нефрологија во Струга, болниците во Прилеп, Охрид и во Тетово./E.T.